За Мирко Попов – Trn.mk

Тешко ми е денеска да ги најдам вистинските зборови за да можам барем малку да Ви го доближам, и му оддадам почит на Мирко Попов, мојата љубов, партнер и најдобар другар.

Треба да се напише книга за да се доближи неговиот лик и дело, како вистинска движечка тридецениска сила на македонската култура, идентитет и урбано Скопје. Мирко сакаше сам да ја напише оваа книга, но, не како негова биографија, туку, како запис и сведоштво за секое движење, мисла и акција, кое придонесуваше во градењето на еден урбан и поубав свет, земја и град.

Мирко Попов е бастионот на урбано Скопје. Не е случајна оваа симболика. Ми раскажуваше дека кога бил мал, но доволно голем да препознае и сака култура, многу се грижел дали во средината во која се родил и живее постои таа урбана култура. Онаа култура која допирала до него преку музиката и грамофонските плочи, кои можеле да се купуваат во Скопје, и кои уште од 8 годишна возраст се фокус на неговиот интерес. Но, и централа тема на преговори со родителите да му го купат новиот албум на „Duran Duran“ или на „Yazoo“, кој мајка му го донела од службен пат.

Во таа средина, „Бастион“ е бендот кој кога првпат го слушнал му дал верба и надеж дека имаме урбано и модерно Скопје и дека се ќе биде во ред. Како негов личен омаж кон значењето и симболиката на „Бастион“, Мирко во 2007 го издава албумот компилација „WORKS & REWORKS BASTION“. На него освен оригиналните песни од бендот, ги собира музичарите од тогашниот нов скопски и македонски музики бран и секој од нив обработува по една песна од бендот. Љубовта на Мирко кон музиката и македонската урбаната култура се развива уште како дете преку радиото и редовно слушање на програмите на Радио Скопје, примајќи ја културата визионерски најавена од Шпато, Пејовски, Џамбазов, Костов, па се до денешна плејада композитори, музичари и творци.

Со голема жар и решеност уште од раните 90-ти години на минатиот век, ја почнува својата културна дејност како диџеј, радиски водител и уредник на Канал 103, како придвижувач и креатор на електронската клупска музика сцена, организатор на бројни музики настани и фестивали. Во ‘98 ја активира „ПМГ Рекордингс“ која денес со неколку специјализирани подлејблови за џез, електронска и современа музика има повеќе од 300 изданија.

Ќе го потенцирам ова уште еднаш, 300 ИЗДАНИЈА МАКЕДОНСКА МУЗИКА ОД МАКЕДОНСКИ АВТОРИ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК. Затоа Мирко Попов е еден од најголемите чувари на македонскиот идентитет, кој освен како издавач го негува и чува идентитетот и како автор, композитор и изведувач на музика, преку работата во неговите бендови „ПМГ Колектив“, „Кантон6“ и „Македониде кру“.

Неговиот жар за знаење, образование, и голема љубов кон пријателите и најблиските преточени како систем вредности се присутни во бројните текстови, песни, стихови, рецензии, колумни, интервјуа како и во двете книги на кои е автор „Монографијата: 20 Години те сакам“ и „Розевата планета“.

Љубовта кон историјата и градење на подобро општество се наследство од неговиот татко, а Мирко бескрајно ја сакаше и ценеше македонската култура и историја и се обидуваше да го сочува и му даде нов живот на оној специфичен наш автохтон бит, како во неговата оригинална форма, така и во негов нов современ израз. Тоа е особено видливо во неговата работа со бендот „Кантон6“. Во овој контекст, сакам да го споменам и проектот „Распеани Валандовчани“, кој со невиден жар го иницираше и го започнаа заедно со ансамблот и Владан Дробицки. Значаен омаж на неговото семејство и културата на градот Валандово, кој во чест на Мирко ни останува да го завршиме и да го издадеме веќе снимениот материјал на винил.

Толку многу се радуваше на секое издание и е главен виновник за веќе 13 изданија на македонска музика на ВИНИЛ. Пред некој ден ми збореше колку многу ги сака овие винил изданија, дотолку, што би можел да го прави само тоа. Во рака го имам и последниот винил на ПМГ Рекордингс – ПОП Култура, кој дава пресек на најмладата македонска поп сцена на музички автори. Ако Југославија го имаше „Пакет Аранжман“ во 1981, како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го има новиот бран на поп музика на компилацијата ПОП Култура, чија историска вредност ќе се покаже во годините кои што доаѓаат. Голема радост за Мирко беше оваа плоча, чија промоција за жал не успеа да ја дочека, а ние во негова чест ќе ја направиме овој петок во Лабораториум.

А Младите, тие прекрасни паметни убави суштества со бистар ум, космоплитиски став и поглед кој допира далеку. Овој град и земја е среќна што има низа генерации прогресивни млади и секоја од нив прави пукнатина во ѕидот на стравот и заостанатоста, и ја исполнува со светлина. Мирко континуирано креираше простори за младите, особено на оние кои создаваат музиката. Еден куп изданија, концерти, клупски вечери, слушачки промоции, фестивали… од кои веќе 13 години „Земјотрес“ како единствена смотра на најрецентната младинска музичка култура. Човек од 51 година кој не се задоволуваше неговото влијание да биде само во форма на наследство, пример и мотивација. Тој неуморно и постојано работеше тој процеп и простор за младите да постои и функционира во сите поволни и неповолни ситуации, кои ги носи македонското општество и култура.

И секогаш ми велеше: „Слушај мораме да комуницираме и да се дружиме со младите, зошто само така вистински ќе знаеме каде оди светот и ние ќе останеме млади.

Со голема љубов ја започнавме платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ и Мирко преку неа ме запозна и ми го доближи светот на најновата генерација креативни и прекрасни млади умови, кои создаваат нова култура и музика, денес. Толку многу ги сакаше сите и се радуваше дека го градат оној град во кој тој веруваше. А јас сум благодарна што тие го препознаа искрениот жар и отворениот простор од страна на Мирко и му вратија со љубов и убава соработка назад. Млади, Не застануваме!

ШТО МИ ОСТАВИ МЕНЕ МИРКО ПОПОВ

Безвременска мултиверзумска љубов која ќе ме исполнува и ќе ми дава сила да бидам тоа што сум и да верувам во себе. Или како што се вели во песната The Perfect Kiss на еден од нашите омилени бендови New Order – I know, you know, we believe in the lend of love.

Да се гледам со очите со кои тој ме гледаше – достоинствена, силна и непокорна пред сите предизвици.

Ми остави едно големо и прекрасно семејство полно со љубов, вистински другари и пријатели, кои многу не сакаат и со кои и низ добро и лошо секогаш ќе бидеме заедно, и две најубави во свет деца кои ќе ги сакам и чувам додека сум жива, како да се мои.

Ми остави мисла и збор дека мора да одам напред и да го правам сето она што заедно го правевме досега и во што верувавме.

Денес се збогуваме со еден свет. Денес се збогуваме со еден град придвижуван од витешката сила на Мирко, кој неуморно создаваше урбани простори и култура со сите пријатели и соработници кои веруваа во тоа. Но како ФЕНИКС – симболот на Центар, место во кое Мирко живееше и често со гордост го споменуваше – ОВОЈ ГРАД И СВЕТ, Денес повторно се раѓа.

Затоа, од денес, Одговорност на секој еден од нас е да веруваме во подобро утре, како Мирко што веруваше, и да градиме поубав свет за нас и нашите деца, исполнет со музика и култура.

И најважно од се, да продолжиме да се забавуваме и да бидеме среќни. Како и самиот што вели во една од песните на албумот ПМГ Колектив Скопје. „Среќен – научи на бидеш Среќен“

На крај би го споменала „До небото замок“ албум, кој со ПМГ Колектив го издаде во 2019 година и кој претставува негова многу интимна музичка приказна за себе и своите блиски.

Омотот на албумот е горниот дел од неизградената црквата „Константин и Елена“ во центарот на градот, која многу му се допаѓаше, и која го носи името на татко му и неговата тетка. Песната која си ја посвети на себе вели „Ме вика Мирко, смртен си плен, пушти ме играм, уште е ден“.

За Мирко и за самите себе ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА ИГРАМЕ!

Виолета Качакова

Пронајдете не на следниве мрежи: