За пари, син со нож му се заканувал на таткото во Велес

Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка против лице од селото Раштани за кое постои сомнение дека сторило кривично дело загрозување на сигурноста според член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, при вршење семејно насилство, ја загрозил сигурноста на својот татко со сериозна закана дека ќе посегне по неговиот живот.

На 18 мај осомничениот влегол во кујната и побарал 3.000 денари од мајка си кажувајќи ѝ дека мора да ги има парите. На тоа реагирал таткото, кој му забележал дека е срамота постојано да бара пари од нив по што осомничениот зел кујнски нож и му се заканил на таткото дека ќе го убие ако се меша.

Со тоа кај оштетениот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.

Имајќи предвид дека ваквото однесување на осомничениот се повторувало и претходно, меѓутоа родителите не пријавувале во полиција, јавниот обвинител одлучи до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес да поднесе предлог за определување мерка притвор.

Судот го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 8 дена.

Пронајдете не на следниве мрежи: