На седницата беше донесено и упатството за начинот на гласање на избирачките места со помалку од 10 избирачи. На граѓаните од овие избирачки места ќе им се овозможи да гласаат на најблиското избирачко место со запишани над десет избирачи
Државната изборна комисија денеска го заклучи избирачкиот список за спроведување на претседателските и парламентарните избори, а разликата во гласачите од 24 април до 8 мај е 1 033. За изборите за претседател на државата што ќе се одржат на 24 април запишани се 1 814 317 избирачи, додека за парламентарните избори закажани за 8 мај запишани се вкупно 1 815 350 избирачи во Избирачкиот список, информираа од Државната изборна комисија (ДИК).
Потпретседателка на ДИК, Дитмире Шеху, рече дека за претседателките избори запишани во Избирачкиот список се 1 814 317 избирачи, а од нив, во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1 713 758 избирачи.
Во дипломатско-конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии запишани се 2 569 избирачи што се пријавиле за гласање.
Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, запишани се 2 147 избирачи. Запишани се и 534 избирачи, кои поднеле пријава за гласање, а кои за време на изборите се наоѓаат во установи за вон семејно згрижување. Според евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои се со статус на внатрешно раселени лица се запишани два избирачи.
Од ДИК велат дека во посебниот извод од Избирачкиот список за лица членови и заменик-членови на избирачките одбори кои ќе спроведат гласање во дипломатско-конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 191 избирач.
Вкупниот број гласачи запишани во Избирачкиот список за изборите за избор на пратеници во Собранието, кои ќе се одржат на 8 мај оваа година, се 1 815 350, а од нив, според Шеху, во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1 716 664 избирачи.
За овие избори, во Избирачкиот список за лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор се запишани 2 140 избирачи, додека 534 лица, кои поднеле пријава за да го дадат својот глас, за време на гласањето ќе се наоѓаат во установи за вон семејно згрижување.
Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика се со статус на внатрешно раселени лица се запишани два избирачи.
На седницата беше донесено и упатството за начинот на гласање на избирачките места со помалку од 10 избирачи.
Членката на ДИК, Радица Ристеска посочи дека избирачко место не може да се определи за населено место во кое живеат помалку од десет избирачи и во ДКП каде што има пријавено помалку од десетмина гласачи. Согласно Изборниот законик, а со цел на секој граѓанин да му се овозможи да го оствари своето уставно загарантирано право на глас, на граѓаните од овие избирачки места ќе им се овозможи да гласаат на најблиското избирачко место со запишани над десет избирачи.
Ристеска рече дека од вкупно 3 480 избирачки места во државата, во 120 на подрачјето на 33 општински изборни комисии се евидентирани помалку од десет гласачи.
Таа повика навремено да се известат гласачите од избирачките места со помалку од десет запишани гласачи, за местото каде што можат да го остварат своето право на глас и посочи дека се задолжуваат општинските изборни комисии во соработка со подрачните одделенија на Државната изборна комисија да го спроведат ова упатство.