За што се работи во случајот ИМПЕРИЈА?

„Ако со Катица Јанева сме правеле злоупотреби со клиенти досега ќе направевме партал“, изјави Бојан Јовановски на 28 јуни 2019 г., гостувајќи во телевизијата за чиј сопственик се претставува. Дваесетина дена подоцна, со отворена истрага против него и оставка на Катица Јанева, оваа изјава добива сосема нова димензија.
„Империја“ е кодното име на последната истрага што ја отвори СЈО. Објавена е на 9 ноември 2018 година. Токму од ноември 2018 година почнува и описот на дејствијата за „трговија со влијание“ во предметот што денеска го обелодени Обвинителството за гонење на организиран криминал против Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милевски (Зоки Кичеец). Двајцата се под истрага зашто токму од тој месец и година почнале да бараат пари од осомничено лице, со цел обвинител, кој засега ОЈО не го именува, да прекине истрага или осомничениот да добие олеснителни околности.

Зошто „Империја“ е важна за „Рекет“
„360 Степени“ веќе објави, повикувајќи се на неофицијални но добро упатени извори, дека токму обидот за изнуда на осомничен во предметот „Империја“ е причината за апсењето и истрагата против Боки 13 и Кичеец. Она што остана непознато за јавноста е името на обвинителот што имал реална моќ „трговијата со влијание“ да ја преточи во јавнообвинителска одлука. И уште поважно, дали обвинителот што ОЈО засега не го именува, ја злоупотребил својата положба?

Одговорот на прашањето – кој е обвинителот чие име било користено за уцени, е полесно да се претпостави. „Империја“ е предмет за кој е надлежно само СЈО, а во СЈО има само еден што може самостојно да носи одлуки. Таа моќ, по закон, е сконцентрирана во Катица Јанева. Но и да не се следи логиката туку инстаграм или фејсбук профилот на осомничениот Бојан Јовановски, лесно видливо е дека Јовановски сакаше јавно да ја покажува блискоста со Јанева.

Фотографиите не се единственото што ги поврзува. Синот на Јанева е вработен во 1ТВ, медиумот за кој Јовановски вели дека е негова сопственост.

Одговорот на прашањето – дали обвинителот извршил службени дејствија во полза на уценуваниот осомничен е потешко да се отрие. Но, непобитен факт е дека случајот „Империја“ го следеа низа „случајности“.

Како „пленот“ стана „предатор“
Првата „посебност“ поврзана со „Империја“ беше уште на стартот. Кога СЈО ја објави истрага, за разлика од претходната пракса, не одржа и прес-конференција.

Наместо тоа јавноста доби соопштение:

„По спроведена опсежна предистражна постапка, во која се преземени десетина предмети кои се воделе пред надлежни обвинителства и врз кои воспоставена е надлежност на ова Јавно обвинителство, денес е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело … Во соработка со МВР, беа извршени 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство.
Потсетуваме дека во наредниот период истрагата во случајот „Империја“ ќе биде проширена за повеќе лица и за повеќе кривични дела“,

соопшти СЈО на 9.11.2018 г.
Меѓу петтемина што завршија во притвор беа бизнисмените Јордан Камчев и Цветан Панделески (сопственик на „Пелистерка“) и екс директорот на УБК Сашо Мијалков.

Три дена подоцна беше објавено и дека:

„Судот донесе решенија за определување на привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица ДПТУ Орка холдинг АД Скопје и ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на правните лица ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и ДПТУУ Тимох увоз извоз ДОО Скопје.

Потсетуваме дека во наредниот период истрагата во случајот „Империја“ ќе биде проширена за повеќе лица и за повеќе кривични дела“,

соопшти СЈО на 12.11.2018 г.
Истрагата, колку што е јавно познато, никогаш не беше проширена иако тоа беше најавувано во соопштенијата. Судот и СЈО потоа не ја прифатија и гаранцијата на Јордан Камчев вредна околу 14 милиони евра за да излезе од затворски во куќен притвор.

Но, само две недели подоцна, на крајот на декември, СЈО самоиницијативно се премисли и наместо дотогашниот затворски, побара куќен притвор за осомничените во овој предмет. По бурните реакции во јавноста, поради ненадејното излегување од притвор на Камчев, Мијалков, Панделески (27 декемрви 2018 г.), обвинителката Катица Јанева се појави на интервју на Канал 5 (29 декември 2018 г.) во обид да го оправда својот чекор. Образложението беше дека успешно се прибрани сите докази и потребни сведочења.

„Испитавме одредени лица и сведоци кои беа важни за потврдување на некои факти, врз основа на финансиските документи и сметаме дека во следниот период додека трае истрагата ќе се вршат само финансиски анализи … Така што присуството на осомничените во притворот не се потребни. Не можат веќе да влијаат самата истрага со влијание на некои сведоци или да го повторат делото“,

изјави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во интервју за Канал 5 на 29.12.2018 г.

Но, наспроти овој став на Јанева од крајот на декември 2018 г. дека осомничените веќе не можат да влијаат на сведоци, во февруари 2019 г. СЈО излезе со сосема спротивна оценка. Не во соопштение туку во барањето за продолжување на мерката куќен притвор за Јордан Камчев од 6 февруари, случај што бизнисменот успеа да го однесе до Врховниот суд.

„Во досегашниот тек на истрагата се сослушани голем број сведоци, но потребно е да се изврши распит уште на голем број сведоци, со оглед дека е опфатен голем временски период. Бројот на сведоците и соучесниците се зголемува ако се има предвид дека првичната наредба за спроведување на истрага е проширена… Обвинетиот … доколку биде пуштен да се брани од слобода, ќе ја попречува кривичната постапка преку влијание врз сведоци и соучесници“,

се цитира СЈО во решението на Врховниот суд од 4.3.2019 г. под Вкж1.бр.13/2019.

Според изворите на „360 Степени“, самоиницијативното барање на СЈО за замена на затворскиот со куќен притвор за Камчев, Мијалков, Панделевски и контекстот во кој се случило сето тоа, се една од централните точки на истрагата на ОЈО за гонење на организиран криминал.

Камчев излезе и од куќен притвор. Тој и други осомничени во „Империја“ беа првите што се офајдија од начелното правно мислење на Врховниот суд од крајот на јануари, според кое, СЈО не е овластен тужител во предметите за кои не е поднесено обвинение до 30 јуни 2017 година. А „Империја“ е токму таков предмет. Ставот на Врховен ја направи судбината на предметот крајно неизвесна, но СЈО никогаш не се обиде да ги тестира пониските судови и да поднесе обвинение. „Империја“, како и други истраги, останаа да чекаат нов закон за СЈО, кој треба да го реши и статусот на „новите“ истраги на СЈО.

Само еден месец подоцна, во март, случајот „Империја“ повторно стана актуелен во јавноста. „360 Степени“ објави дека се случила поплава во просториите на СЈО, во која бил зафатен доказен материјал и од „Империја“.

„360 Степени“ на 11 март 2019 година праша во СЈО:

1. Колку од доказните материјали во предметот „Империја“ се уништени во минатонеделната поплава во просториите на СЈО?

2. Дали е во тек истрага за да се утврди под какви околности се уништени доказите?

3. Дали неколкудневното отсуство од работа на обвинителката што го води предметот „Империја“, Лиле Стефанова, е поврзано со овие настани?

Од СЈО го потврдија настанот. Ова е одговорот на обвинителството, интегрално:

„Точно е дека поради дотраеност на севкупната инсталација за парно греење во објектот во кој е сместено СЈО, протече една од цевките на тој систем, пришто беше зафатена дел од документацијата на неколку предмети кои се водат од ова Јавно обвинителство, меѓу кои на „Империја“, „Триста“ и „Шпион“. Притоа, треба да се има предвид дека во ова Јавно обвинителство документите се скенираат, но доколку се утврди дека има документи кои не биле ставени во електронска форма, ќе се бара нивно обновување. Во моментот се испитуваат причините за конкретниот дефект и се спроведува внатрешна процедура со цел да се изготви попис и проценка на вкупната штета. Инаку, од страна на СЈО осигурени се како објектот, така и опремата“.

уште тогаш ПОСТОЕЈА низа „случајности“ што го следат овој предмет.

Набрзо откако веста за поплавата стана тема во јавноста, Катица Јанева имаше настап и тоа на 1ТВ на Бојан Јовановски (13 март 2019 г.). Првите прашања на водителот беа за „наводната поплава“. Иако само неколку дена претходно СЈО официјално не ја исклучи можноста дека има документи што се оштетени и дека цела недела се спроведува попис на вкупната штета, целиот настан во интервјуто беше сведен на „пукната цевка“. 

Потоа се разговараше за повеќе актуелни теми. Кога стана збор за улогата на адвокатите, Јанева доби прашање и дали некој ја поминал линијата и и нудел пари. Специјалната обвинителка кажа дека тоа никогаш не било случај за потоа веднаш да продолжи дека очекува наскоро да ги имаат првите спогодби за некои покрупни предмети што ги води СЈО.

Ниту една од овие изјави не би смеела да се разгледува во поинакво светло доколку во меѓувреме не се случеа два меѓусебно поврзани настани. Првиот е одлуката на новинарот Бранко Геровски да почне да пишува „новинарска фикција“ инспирирана од вистински настани, во која сопственик на медиум со псевдоним „Коки“ рекетира бизнисмени. Вториот настан е одлуката на Бојан Јовановски да излезе јавно и да каже дека колумните на Геровски се однесуваат на него.

Во настапот, повторно на неговата 1ТВ, тој самиот го спомна прво случајот „Империја“ и еден од осомничените, Јордан Камчев.

„Јордан Камчев го познавам долги години. Изминатава година соработуваме, се рекламира на оваа телевизија. Можам да кажам само дека мене како негов медиумски соработник не ми е забрането да се гледам со него. Сум се гледал со него кога излезе од затворскиот случај за „Империја“. Околу фамозните приказни за куферите со пари ги отфрлам како невистините. Доколку ме снимал е направено незаконски и е кривично дело и доколку дојде до такво нешто, во свое време ќе го дадам соодветниот одговор. Од оваа дистанца можам да кажам дека ништо што е против законски или злоупотреба на некоја институција и информација не е искористено против него“,

рече Јовановски.
Во ТВ-настапот, Јовановски говереше и за вработувањето на синот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во 1ТВ.

„Лазар Јанев е квалитетно момче кое има завршено правен факултет и е исклучително солиден во правниот сектор. Педантно си ја работи својата работа, секој би требал да посака таков човек да работи во неговата компанија. Поврзувањето е дека со Катица и Лазар сме злоупотребувале клиенти за телевизија. Доколку сме тргнале тоа да го правиме сме требале до сега да направиме партал. Јас испаднав најсериозен фактор во државата. Колку што сум бил лице за потсмев одеднаш почнав да им сметам на големите и бараат причина да ме дискредитираат до мера некој да не сака да работи во оваа телевизија.“

Пред полноќ на 15 јули 2019 година Бојан Јовановски доби мерка притвор од 30 дена од судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, на барање на Обвинителството за гонење организиран криминал. По наредба на истото обвинителство одземен и е еден телефонски уред на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која патем на денот кога Јовановски беше уапсен, одлучи да си поднесе оставка од функцијата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.