Звонимир Јанкулоски: Геополитика за губитници

Едно нешто не можам да разберам кога размислувам за безалтернативност на нашата надворешна политика. Како може да не се размислува за преиспитување на стратегијата за надворешна политика на Македонија кога гледаме дека во моментов се руши неолиберализмот како надворешнополитичка агенда?

Да ја разбереме ГЕОПОЛИТИКАТА НА НЕОЛИБЕРАЛИЗМОТ:

Претпоставката беше дека инкорпорирањето на Русија и Кина во меѓународниот економски систем, предводен од Западот, ќе доведе до внатрешни демократски реформи и до помирни надворешни односи. Наместо тоа, геополитиката на неолиберализмот се чини дека го постигна обратното: ги овласти авторитарните сили во овие земји и ја зголеми нивната моќ во странство.
Звонимир Јанкулоски: Геополитика за губитници

Поточно, геополитиката на неолиберализмот се покажа како неуспешна – не успеа да ги премости историските непријателства додека ја поткопуваа релативната сила на либералните демократии во однос на нивните ривали. Токму една од најголемите заблуди на геополитиката на неолиберализмот беше неговата претпоставка дека меѓународното ривалство меѓу големите сили може да се надмине преку економска интеграција.

Претпоставката беше дека инкорпорирањето на Русија и Кина во меѓународниот економски систем, предводен од Западот, ќе доведе до внатрешни демократски реформи и до помирни надворешни односи. Наместо тоа, геополитиката на неолиберализмот се чини дека го постигна обратното: ги овласти авторитарните сили во овие земји и ја зголеми нивната моќ во странство.

Геополитиката на неолиберализмот стана неодржлива во нејзината земја на потекло – САД. Ковидот го покажа, за жал, не само неуспехот на глобалната економија без граници – „светот без ѕидови“, туку го покажа и неуспехот, во сегашни околности, на каква било вистинска меѓународна координација за прогресивната политичка агенда на глобално ниво.

Последниот удар на геополитиката на неолиберализмот дојде кога Путин одлучи да ја нападне Украина. Светот е во процеп помеѓу стариот и новиот поредок, а изглeда тоа не е предизвик на нашата надворешна политика, особено не на нејзините креатори да извлечат опсежни заклучоци за тоа како ќе изгледа геополитиката по рушењето на неолиберализмот.

Ние како држава останавме заглавени во безалтернативноста на нашиот пат кон европското семејство, кое никако да нѐ посвои. А ние толку очајно сакаме да се случи тоа. Толку очајно што не гледаме како светот се менува и се преобликува меѓународниот пејзаж.

Слепото следење на политиката на ЕУ-интеграциите, кои никако да мрднат од нулта точка, е показател за одредена дезориентација на Македонија на меѓународната сцена. Без јасна стратегија за надворешна политика и со нагласена реактивна природа, ние сме држава без компас во надворешната политика.

За да се движите низ денешната комплицирана транзиција на геополитиката, Македонија ќе треба да престане да ги живее илузиите на нашите безалтернативни лидери и гревот на меѓународната заедница кон македонската држава.

Како ова да му го објасниш на македонскиот Маркиз де Сад (филозофот на развратот) на европските интеграции, кој садомазохистички нѐ тера во безалтернативен и вонвременски процес на интегрирање во ЕУ. Притоа заборава или не е способен да види дека Европа во моментов е фатена помеѓу наметливата Кина, ревизионистичката и воинствена Русија, непостојаната Америка и нејзините сопствени политички падови – ништо позбунувачки од брегзит.

Дека Европа, во време кога стравува дека ќе стане тревата по која газат слоновите на големата моќ, има малку желба и ентузијазам да се занимава со проширувањето, а особено со Македонија, освен дипломатски да го одржува во живот нејзиниот безалтернативен сон на надворешната политика. Како не сфаќа дека иднината на Европа не е она што беше?

Глобалната финансиска криза пред речиси една деценија, должничката криза, економската криза, арапската пролет, која помина лошо, конфликтот во Украина, миграциската и бегалска криза, последователниот бран на популизам и национализам што помина низ поголемиот дел од Европа и кризата со брегзит и, секако кризата на Трамп, што ги доведе во прашање виталните трансатлантски врски, ја натераа Европа да се сомнева во иднината, која станува сè понеизвесна.

А секако со неа и европската интеграција, која е ставена под знак прашалник. Овој процес на промени и приспособување на Европа на новиот поредок што се раѓа, нашите неспособни и неписмени политички лидери не можат да го следат и да ги обликуваат правилата на безалтернативниот пат во надворешната политика. Исто како оној што го градат кон Охрид.

Изгледа за оваа политичка гарнитура не е интелектуално стимулативнa ваквата промена, со што ја прокоцка и потроши својата шанса да ја обликува нашата иднина, препуштајќи им го тоа на други играчи и сили. Попесимистички, но реално, нашата надворешна политика се коцкаше со државата, нејзината историја, култура и јазик и не успеа.

Затоа, овој момент вреска за ново лидерство, кое ќе помогне да се создаде чувство за ред – организатор што ќе помогне да се движите низ овој комплициран хаос на предизвици во надворешната политика, да се стабилизира геополитичката конкуренција и да се обезбеди барем одредена скромна заштита на националните интереси во изменетиот меѓународен пејзаж.

Лидерство што ќе биде способно да ја антиципира нашата иднина во светот што се менува, да ја следи променетата Европа и да одговори на поканата за патување во иднината со неа.

Проф. Звонимир Јанкулоски

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.