Во Македонија интернет користат 1.583.315 лица или 75,9 отсто од населението, а милион (48 проценти) се приклучени на социјалната мрежа Фејсбук, покажуваат податоците на специјализираниот статистички веб сајт „Интернет ворлд стат“.
Кај бројот на интернет корисници, споредено со крајот на октомври лани, има зголемување за 80.000, а нема промени кај податокот за корисници на Фејсбук.Од земјите во регионот повеќе од Македонците интернет користат во Хрватска (90,9 проценти), Босна и Херцеговина (80,7 проценти) и Словенија (79,9 проценти). Зад Македонија се рангирани Србија (72,2 отсто), Грција (70,1 процент), Црна Гора (69,9 отсто) и Бугарија (66,3) проценти.
Во Европа интернет користат 704 милиони луѓе, а споредено со октомври за два милиона е помал бројот на корисници на Фејсбук и изнесува 341 милион.
Глобалната он-лајн мрежа најмногу се користи во Исланд и Норвешка каде речиси целото население или 99,2 отсто користи интернет. Во тие две држави има и по 63,5 проценти корисници на Фејсбук.
Податоците на „Интернет ворлд стат“ покажуваат дека во светот има 4,15 милијарди корисници, бројка која во октомври лани изнесувала 3,88 милијарди, а 2,11 милијарди имаат Фејсбук профил.