Згомбиќ: На Албанија и Македонија треба да им се дозволи да отворат некои поглавја

Хрватска силно ги поддржува земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, но врз основа на заслуги, што значи дека, меѓу другото, треба да се придржуваат до принципите на добрососедски односи, изјави во Брисел хрватската државна секретарка за европски работи, Андреја Метелко Згомбиќ.

„Хрватска силно го поддржува процесот на проширување заснован на заслуги“, изјави Згомбиќ по состанокот на министрите за европски прашања на земјите-членки на ЕУ.

Советот за општи работи, кој го сочинуваат министрите на земјите-членки задолжени за европски прашања, го одржа првиот официјален состанок под унгарско претседателство.

На средбата се разговараше за владеењето на правото во земјите членки, а за првпат на дискусијата учествуваа министрите од четирите земји од Западен Балкан, кои веќе ги отворија пристапните преговори – Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија.

Згомбиќ рече дека Хрватска верува дека на Албанија и на Македонија треба да им се дозволи да направат чекор напред и да отворат некои поглавја.

„На Албанија и Северна Македонија треба да им се дозволи да направат чекор напред“ рече Згомбиќ.

Министрите на средбата не разговарале за конкретни случувања кои четирите земји би можеле да ги направат до крајот на годинава, бидејќи во Советот на ЕУ се водат дискусии на пониски нивоа.

Унгарија, како претседавач, силно се залага за напредок на земјите од Западен Балкан кон членство во ЕУ и се обидува да организира меѓувладини конференции за пристап до крајот на оваа година, со цел некои од овие земји да отворат или затворат дел од преговарачките поглавја. Ова бара консензус од сите земји-членки.

Пронајдете не на следниве мрежи: