Претседателот на Здружението на граѓани на Косовско-митровачкиот округ Раша Ројевиќ најави дека денеска ќе почне повеќедневна блокада на административните премини на Србија кон Косово.
Ројевиќ за српската новинска агенција Бета изјави дека блокадата ќе ја организираат српските здруженија на граѓани од Косово и Метохија и дека ќе бидат блокирани четири од пет административни премини од правец на централна Србија и Црна Гора.
Како што најави, блокадите ќе започнат во 18 часот и ќе траат „додека косовските полициски сили не се повлечат од северот на Косово и додека не се вратат узурпираните институции на Србите“.
– Ќе ги блокираме премините Брњак, Јариње и Мердаре од страна на централна Србија, и премин Кула кон црногорската граница на патот Пеќ-Рожаје. Административниот премин Кончуљ засега нема да биде блокиран. Ќе пропуштаме само болнички возила, како и сите други возила и патници со српски документи. Ако српските документи не важат во Косово, тогаш документите на таканаречената Република Косово не можат да важат ниту во централна Србија, рече Ројевиќ и додаде дека во блокадата на секој премин ќе учествуваат најмалку 400 лица.
По повод најавените блокади на премините, косовското Министерство за надворешни работи ги повика граѓаните, вклучително и оние од дијаспората, да избегнуваат патување низ Србија.
Косовската полиција на 30 август влезе во сите простории во кои беа сместени привремените општински власти на Република Србија на северот на Косово.
Претходно, косовските власти ги укинаа српските регистарски таблички, возачките дозволи и сите други документи издадени од Република Србија, пошти, бензински пумпи на НИС.
Пред два дена беа отстранети натписите на сите институции на Република Србија и заменети со табли на Република Косово.