Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека во тек се приватни разговори меѓу Американците и Русите за целосен прекин на огнот, пренесе „Укринформ“.
Со оглед на притисокот врз Русија, постигнувањето такво решение, според него, би можело да биде прашање на следните недели или месеци.
– Во Саудиска Арабија, знаете, се согласивме на безусловен прекин на огнот. Русите се уште не се согласиле на ова. Го гледаме. Иако знаеме дека разговорите меѓу Американците и Русите се во тек на оваа тема. Приватни разговори има, тие се случуваат, рече Зеленски.
На состанокот во Ријад, Украина и САД постигнаа голем број клучни договори, вклучително и обезбедување безбедна пловидба во Црното Море, забрана за удари врз енергетската инфраструктура и во Русија и во Украина, продолжување на преговорите за размена на затвореници и напори за враќање на децата киднапирани од Русија. Овие договори стапија на сила веднаш по официјалното соопштение од Белата куќа на 25 март.