Во опширното интервју за „Гардијан“ украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека без зелено светло од САД, другите сојузници, како што е Велика Британија, веројатно нема да дозволат Украина да го користи нивното оружје со долг дострел.
По повеќемесечно лобирање, САД синоќа за првпат ѝ дозволија на Украина да користи одредени оружја од американско производство во Русија за да го брани Харков. Но, во интервју за „Гардијан“, Зеленски јасно стави до знаење дека за време на нападите на руска територија, тој мора да има способност да користи моќно оружје со долг дострел – што е „црвена линија“ што САД сè уште немаат намера да ја преминат.
„САД треба повеќе да веруваат во нас. Без зелено светло од САД, другите сојузници, како што е Велика Британија, веројатно нема да дозволат Украина да го користи нивното оружје со долг дострел. Верувајте ни, ние мора да одговориме. Русите не разбираат ништо друго освен сила, ние не сме нивната прва, ниту последна цел“, рече украинскиот претседател.
„Мислам дека е апсолутно нелогично што имаме западно оружје во наши раце, а потоа само гледаме како убијците и терористите нѐ уништуваат. Мислам дека се смеат на оваа ситуација. Тоа е како да ловат, ловат луѓе. Тие знаат дека можеме да ги видиме нив, но не можеме да дојдеме до нив“, додаде тој.
Зеленски во интервјуто рече и дека новото американско оружје се уште не пристигнало во доволни количини до бригадите на североистокот на Украина, каде што напредува Русија. Тој исто така изјави дека руските војници ги користат истите рути како и Хитлеровата армија.
„Доколку Русија победи во Украина, Путин ќе ги нападне другите нации и ќе се обиде да ги промени границите на Европа. Ова е вистинска трета светска војна. Не мислам дека Путин е луд. Тој е опасен, а тоа е многу пострашно. Тој нема да запре“, рече украинскиот претседател.
Вчера, администрацијата на Бајден ја олабави својата долгогодишна политика на забрана за употреба на американско оружје за гаѓање цели во Русија. Американскиот претседател ѝ даде дозвола на Украина да возврати со оган – но само во близина на Харков, каде што е во тек нова руска офанзива.
По оваа одлука, Украина може да ја користи артилеријата Химарс, која ѝ ја доставија САД, за напади врз руски војници и командни центри на територијата на Русија, но сепак не е дозволено да користи американски системи со долг дострел.
„Претседателот Бајден неодамна нареди да ѝ се дозволи на Украина да користи оружје испорачано од САД за да возврати во Харков, за да може да се одмазди на руските сили кои напаѓаат или ќе нападнат“, изјави еден од официјалните лица за Си-Ен-Ен. Тој додаде дека не очекува САД да ја прошират дозволената област.
Администрацијата на Бајден одлучи дека нема да дозволи Украина да ја користи најмоќната муниција што ја добила од САД за да ја нападне Русија. Станува збор за ракети со долг дострел ATACMS, кои можат да погодат цели оддалечени 300 километри.
„На Украина ѝ е дозволено да користи американско противвоздушно оружје за да ја елиминира непосредната закана од руски авиони кои летаат во украинскиот и рускиот воздушен простор и тоа успешно го направи“, нагласи еден од официјалните лица. Но, на Украина ѝ е забрането да гаѓа руски авиони кои се приземјени на руска територија.