Претседателот на Украина, Володимир Зеленски реагираше на прекинот на транзитот на руски гас низ Украина.
„Пред повеќе од 25 години, кога Путин дојде на власт во Русија, преку Украина до Европа годишно се испумпуваа преку 130 милијарди кубни метри гас. Денес транзитот на руски гас е 0. Ова е еден од најголемите порази на Москва. Вооружување со енергија и прибегнување кон цинични уцени кон партнерите ја чинеа Русија нејзиниот најатрактивен и географски најпристапен пазар“, рече Зеленски
„Ние, исто така, треба да ја издржиме хистеријата на некои европски политичари кои претпочитаат мафијашки шеми со Москва отколку транспарентна енергетска политика. Исто така се надеваме дека ќе го зголемиме снабдувањето со американски гас во Европа, како што спомена претседателот Трамп. Соработка и максимално снабдување на партнерите на пазарот ќе ги направи цените поповолни“, рече тој за „Украинска правда“.
Утрото на 1 јануари Украина го запре транзитот на руски гас. Украинскиот систем за транспорт на гас работи во нетранзитен режим.
Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина ќе има сериозни последици за земјите-членки на ЕУ, но не и за Русија.
На 16 декември Молдавија воведе вонредна состојба во енергетскиот сектор, која ќе трае 60 дена. Владата го презеде овој чекор поради неизвесноста околу снабдувањето со руски гас откако транзитот низ Украина е суспендиран на 1 јануари 2025 година.
Рускиот енергетски гигант Газпром на 28 декември официјално објави дека од 1 јануари 2025 година ќе престане да испорачува гас за Придњестровје, отцепен регион на Молдавија, поради „обврски за неплаќање“.