Зеленски реагираше на потегот на Русија: „Еден од нивните најголеми порази“

Кога на Путин му беше доделено руското претседателство пред повеќе од 25 години, годишниот транзит на гас преку Украина до Европа изнесуваше повеќе од 130 милијарди кубни метри. Денеска е 0. Ова е еден од најголемите порази на Москва, оцени претседателот на Украина Володимир Зеленски, коментирајќи го прекинот на испораките на рускиот гас преку Украина откако денеска истече договорот што важеше.

-Како резултат на тоа што Русија ја користи енергијата како оружје и прибегнува кон цинична уцена на своите партнери, Москва загуби еден од најпрофитабилните и најдостапните географски пазари, објави првиот човек на Украина на „Х“.

Со оглед на таквите околности, огромното мнозинство европски земји се приспособиле на промените.

„Нашата заедничка задача денес е да ја поддржиме Молдавија во периодот на енергетската трансформација. Мораме да ја надминеме хистеријата на некои европски политичари кои претпочитаат мафијашки шеми со Москва отколку транспарентна енергетска политика.

Се надеваме и на зголемување на американскиот гас во Европа, што претседателот Трамп веќе го спомна. Соработката и максималната понуда на партнерите ќе резултира со поповолни цени на пазарот.

„Колку повеќе гас е достапен на пазарот од вистински европски партнери, толку побрзо ќе бидат елиминирани и последните преостанати последици од потпирањето на Европа од Русија“, истакнал Зеленски.

Европската унија ги удвои напорите за намалување на зависноста од руската енергија по избувнувањето на воениот конфликт во Украина во 2022 година, барајќи алтернативни извори. Европската комисија во средата го минимизираше влијанието на прекинот на извозот на руски гас во Европа преку Украина, велејќи дека тоа било очекувано.

„Европската гасна инфраструктура е доволно флексибилна за снабдување на централна и источна Европа со гас од неруско потекло преку алтернативни патишта“, рече портпаролот на Европската комисија.

Останатите купувачи на руски гас преку Украина, како Словачка и Австрија, се договорија за алтернативно снабдување.

Во декември Австрија реши да го раскине долгорочниот договор со Газпром, но Словачка му се закани на Киев со одмазда и реципрочни мерки. Словачкиот лидер Роберт Фицо, еден од ретките сојузници на Кремљ во рамките на ЕУ, ја осуди одлуката на Киев. „Прифаќањето на едностраната одлука на украинскиот претседател е целосно ирационално и погрешно“, му напиша Фицо на Брисел, нагласувајќи „голем финансиски учинок во комплициран економски период“.

Молдавија, некогаш дел од Советскиот Сојуз, е една од најтешко погодените земји. Оттаму порачаа дека сега ќе треба да воведат мерки за намалување на потрошувачката на гас за една третина и прогласија вонредна состојба од 60 дена.

Пронајдете не на следниве мрежи: