„Вчера руската армија уби уште едно украинско дете – петмесечно бебе по име Данило, од Авдиивка, во Донбас … И во исто време Русија претседава со Советот за безбедност на ОН“.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски нагласи дека руското претседателство во Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) овој месец го докажува целосниот банкрот на таквите меѓународни институции.
„Вчера (петок) руската армија уби уште едно украинско дете – петмесечно бебе по име Данило. Од Авдиивка, во Донбас, кое беше заедно со неговите родители кои се повредени. … И во исто време Русија претседава со Советот за безбедност на ОН“, рече Зеленски за време на синоќешното обраќање.
Опишувајќи го претседавањето на Москва во ОН како „очигледно апсурдно и деструктивно“, Зеленски рече дека улогата на Русија во Советот за безбедност при такви напади докажува целосен банкрот на таквите институции.
„Не постои форма на терор што не е извршена од Русија. И нема причина што ќе ја запре реформата на светските институции, особено на Советот за безбедност на ОН. Реформа што очигледно е задоцнета“, рече Зеленски.
Од вчера (сабота) Русија го презеде претседавањето со Советот за безбедност на ОН во времетраење од еден месец. Москва подоцна во мај ќе биде заменета од Швајцарија.
Украинскиот претседател, исто така, објави дека потпишал два декрета на Советот за национална безбедност и одбрана за санкционирање на над 650 лица од руската одбранбена индустрија, како и други вклучени во напорите на Москва во војната во Украина.
„Советот за национална безбедност и одбрана ќе продолжи со оваа работа. И никој од оние што помагаат, … работат за нив (Русија), снабдуваат или произведуваат оружје за вршење терор – никој нема да ја избегне одговорноста“, порача Зеленски.
Пронајдете не на следниве мрежи: