Упадот во рускиот регион Курск не ја олесни ситуацијата за Киев во Донбас, каде што има проблеми во областите Красноармејск (Покровск) и Џержинск (Торецк), посочи украинскиот претседател Владимир Зеленски, објави агенцијата Укринформ.
„Што се однесува до тешкотиите во областите Покровск и Торецк, веруваме дека операцијата Курск исто така може да влијае на ова. Засега е тешко таму“ – рече тој.
Ден претходно, врховниот украински командант Александар Сирски рече дека ситуацијата во областите на главните руски удари останува тешка за Киев.
Масовниот напад на украинската војска врз регионот Курск започна на 6 август. Во регионот постојано беше прогласувана ракетна тревога. Локалните жители се евакуирани на безбедно.
Според Министерството за вонредни состојби, 199 центри за привремено сместување работат во 30 региони во земјата. Повеќе од 11.600 евакуирани, меѓу кои и повеќе од 3.500 деца, престојуваат таму.
Според руското Министерство за одбрана, Киев изгубил повеќе од 8.900 војници и 80 тенкови од почетокот на воените дејствија во областа Курск.