По оставката на Бранко Геровски се огласи менаџментот на „Слободен печат“. Текстот ви го пренесуваме интегрално.
Ги известуваме читателите на изданијата на „Слободен печат“ дека главниот и одговорен уредник на печатеното издание на „Слободен печат“, г-динот Бранко Героски поднесе оставка на функцијата што ја вршеше до денеска. Му се заблагодаруваме на г-динот Героски за досегашната работа и неговиот огромен придонес во создавањето на весникот и неговото етаблирање кај читателската публика. Неспорен е фактот дека Героски заедно со неколку други личности е покренувач на денес најтиражниот дневен весник во Република Северна Македонија.
Што се однесува до наводите во оставката на г-динот Бранко Героски, се согласуваме со констатацијата дека постоеле одредени разлики, но според нас тоа беа разлики кои имаа импакт во доменот на бизнис- стратегијата за натамошен развој на одредени сегменти на компанијата „Слободен печат“.
Инаку, кога станува збор за автономноста на уредувачкиот избор на теми и програмска политика, тие секогаш биле и ќе бидат исклучиво право, но и голема одговорност на секој главен и одговорен уредник на весникот.
„Слободен печат“ нема да отстапи од својот курс во определбите да биде критичен кон сите општествени девијации, а во духот на независен, слободоумен и стилски висококвалитетен дневен весник со демократска определба.
На крајот да информираме дека Бранко Героски и натаму останува вработен во компанијата „Слободен печат“ со сите привилегии и бенефиции кои ги уживаше и досега.
Воедно ја известуваме читателската јавност дека на функцијата главен и одговорен уредник на печатеното издание на „Слободен печат“ од денес е именуван досегашниот заменик главен и одговорен уредник, г-динот Злате Лозановски, на кого му посакуваме успешна работа.
Со почит
Менаџментот на „Слободен печат“