Научниците открија можно објаснување зошто мажите може да бидат изложени на поголем ризик за развој на потешки симптоми на COVID-19 отколку жените и зошто би можеле да имаат полоши исходи, без оглед на возраста.
Истражувачите од Медицинскиот центар Wape Forest Baptist во САД укажаа на улогата на женскиот полов хормон естроген во намалувањето на нивото на ACE2 во срцето, што може да го олесни манифестирањето на COVID-19 кај жените.
Во студијата, објавена во списанието Current Hypertension Reports, се анализирани претклинички податоци за специфичната активност на хормоните, особено естрогенот.
„Ние знаеме дека коронавирусот влијае на срцето и знаеме дека естрогенот го штити од кардиоваскуларни заболувања кај жените, па најверојатно, објаснувањето е дека се хормоналните разлики меѓу половите“, рече водечката авторка на студијата, Лиен Гробан, професорка на Медицинскиот факултет во Wape Forest Baptist.
Студијата посочи дека ACE2, кој се врзува за клеточните мембрани во срцето, артериите, бубрезите и цревата, е клеточен рецептор на коронавирусот одговорен за зараза со COVID-19 и е одговорен за пренесување на вирусот до клетките на овие органски системи.
Естрогенот го намалува нивото на ACE2 во срцето, што може да ја модулира сериозноста на болеста COVID-19 кај жените. Спротивно на тоа, повисокото ниво на ACE2 во ткивата може да објасни зошто мажите имаат потешки симптоми, рече Гробан.
„Се надеваме дека нашата анализа на улогата на естрогените хормони во експресијата и регулацијата на ACE2 ќе ги објасни разликите во инфекцијата со COVID-19 кај мажите и кај жените, и ќе послужи како водич за лекување и развој на нови терапии“, рече Гробан.