Во зима јадеме количински повеќе, а тоа може лошо да влијае на нашиот имунитет, велат нутриционистите.
Зимата е период кога на многумина им е тешко да одржат режим на здрава исхрана, но многу е важно да се направи сѐ што е можно на природен начин да се спречат разни респираторни инфекции чии последици се замор, треска, болки во грлото, кашлица, отежнато дишење… Во зимскиот период повеќето луѓе понездраво се хранат, најчесто поради празниците кога има повеќе семејни средби со многу храна што најчесто не е најздравиот избор и содржи многу маснотии и шеќери.
Неопходно е да се земе предвид не само што, туку и колку јадеме, прејадувањето во зима е сериозен проблем што може да влијае на нашиот имунолошки систем.
Компирот е идеална зимска храна
Во 100 грама сиров компир има 18,9 грама јаглехидрати, 0,10 грама масти и 2 грама протеини.
Компирот содржи значителни количини на влакна, кои помагаат во намалување на вкупниот износ на холестерол во крвта, и со тоа се намалува ризикот од срцеви заболувања.
Од минерали, во 100 грама компир има: 14 мг калциум, 0,9 мг железо, 58 фосфор, 450 мг калиум, 4 мг натриум; а од витамини: 0,01 мг витамин А (ретинол или каротин), 0,11 мг витамин Б1, 0,04 мг витамин Б2 или рибофлавин, 0,2 мг витамин Б6 или пиридоксин, 30 мг витамин Ц или аскорбинска киселина и 0,06 мг витамин Е или токоферол.
Друга храна добра во зима за одржување на имунитетот е: тиквата што содржи витамини А и Ц, како и Б6 и калиум, темнозелениот лиснат зеленчук што содржи витамини А, Ц и К, калинка што е богата со антиоксиданти, препорачуваат нутриционистите.
Важно е да внесувате и доволно витамин Д. Послабата изложеност на сончевите зраци доведува до пад на серотонинот, а тогаш може да почувствуваме желба за храна и пад на расположението, па дури и депресија. Во текот на зимата, не е лошо да се размисли за внесување на дополнителни дози витамин Д, преку исхраната или додатоци.