Зошто молчат пратениците на ВМРО ДПМНЕ?

Соопштение до јавноста бр. 16
По изјавата на вицепремиерката и министер за одбрана на РМ, Радмила Шекеринска, дека: ,,90 % од времето на лидерските средби било потрошено на барањето на Мицковски за амнестија како и дека за уставните измени ќе ја имаат поддршката на дел од пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ”, молк од раководството на ДПМНЕ и од пратеничката група!
Немањето храброст да се излезе во јавност и да се демантираат тврдењата не се својствено за сериозна партија и пратеничка група која држи до себе и до своите чесни патриотски намери и ставови. Молчењето е одобрување и потврда на кажаното. За актуелното партиско раководство ни е познато сè досега и илузорно е понатаму да бараме демант на ова тврдење. Но, не можеме да сфатиме како народните избраници на ВМРО ДПМНЕ молчат, а дел од нив и ќе се стават во функција на самообезличување. Им порачуваме на оние пратеници кои се во функција на ,,менторите од сенка” и кои немаат став околу референдумот и Договорот од Преспа, да се симнат од удобните фотељи и на сопствена сметка (без наплата на патните трошоци од државата) да прошетаат низ изборните единици во кои се избрани и да го слушнат ставот на нивните избрачи, па дури потоа нека се обидат да гласаат на референдумот и за уставни промени.
Жално е што ставот на пратеникот Антонио Милошоски околу референдумот и се после него, остана осамен и не беше јавно и гласно поддржан од членовите на останатите десет пратенички групации на партијата. Тоа јасно укажува на недостојност и немање капацитет да се биде на висина на пратеничката функција односно да се биде избраник на народот. Достоинството и слободата на мислата и говорот не се цели и принципи на егоистични и неодговорни индивидуи макар тоа биле и народни избраници. Секое нивно понатамошно молчење, јавно неизјаснување и калкулирање по однос на клучните прашања ќе го сметаме за спротивно на националните и државни интереси и на духовните принципи и вредности длабоко втемелени во македонската вековна историја и традиција.
ВМРО-ДПМНЕ-демократска фракција, 11.8.2018

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.