Врз основа на истражувањето предводено од Канг Ли, професор по психологија на Универзитетот во Торонто, децата почнуваат да лажат многу рано.
Меѓу децата на две години кои прозбореле, 30 проценти од нив веќе нешто излажале. До тригодишна возраст, скоро половина редовно „подлажнуваат“. На четиригодишна возраст, тој број достигнува дури 80 проценти. На возраст од пет до седум години, скоро секое дете лаже.
Д-р Ли, кој повеќе од 12 години проучува како и зошто децата лажат, вели дека помладите деца кои ја прикриваат или ја избегнуваат вистината имаат когнитивна предност пред децата кои не го прават тоа.
„Лажењето бара две работи. Децата треба да разберат што мисли некој друг. Ние ја нарекуваме оваа способност теорија на умот. Децата кои се подобри во теоријата на умот, исто така се подобри во лажењето“, објаснува д-р Ли, и додава:
„Другата работа е што тие мора да знаат како да планираат однапред за да спречат несакани активности.“
Околу 30 проценти од децата на возраст под три години кои знаат да лажат го користат за да излезат од, за нив, непријатни ситуации, пишува CBC News.
Ваквите когнитивни способности кај деца кои започнуваат рано да лажат, значат дека таквите деца ќе бидат поуспешни на училиште и во комуникација со други деца.
Д-р Ли спроведе експерименти со теоријата на умот врз група од 58 деца од предучилишна возраст во Кина, поделувајќи ги во две групи.
Половина од децата добија шест обуки за теоријата на умот, а другата половина добија обуки на кои научија броеви и вештини за снаоѓање во просторот.
Истражувачите откриле дека децата од првата група лажат подобро, но исто така и кажувале подобри лаги во споредба со децата од втората група.