Тајната може да лежи во механичката сила на срцевите отчукувања – откритие од потенцијално огромно значење.
Ова е откритие што би можело да доведе до развој на нови терапии базирани на механичка стимулација.
Прашањето долго време ја мачеше научната заедница: зошто ракот на срцето е толку редок, со оглед на тоа што оваа болест е способна да влијае на речиси секој дел од човечкото тело, вклучувајќи ги и виталните органи?
Тумори што се развиваат во срцето се наоѓаат кај помалку од 1% од обдукциите, а само околу 10% од карциномите што започнуваат во други делови од телото се шират на овој орган, според податоците од 2020 година.
Според студија цитирана од списанието „Смитсонијан“ и заснована на експерименти со глувци, причината може да лежи во механичката сила на срцевите отчукувања – откритие со потенцијално огромно значење.
Студијата, објавена на 23 април во списанието „Science“, би можела да им помогне на научниците да развијат нови терапии против рак врз основа на механичка стимулација.
Тимот ја потврди улогата на срцевите отчукувања користејќи вештачко срцево ткиво создадено од клетки на стаорец. Инјектираните клетки на ракот растеле подобро во ткиво кое пулсирало како нормално срце отколку во стационарно ткиво.
„Нашите резултати покажуваат дека срцевите пулсирања не се само физиолошка функција, туку можат да дејствуваат како природна бариера против растот на туморот“, објаснува Серена Џачнига, клиничар и истражувач на Универзитетот во Трст во Италија, која беше еден од раководителите на студијата.
„Ова сугерира дека срцевата средина е неповолна за клетките на ракот не само од имунолошки или метаболички причини, туку и затоа што континуираната механичка активност физички ја ограничува нивната пролиферација“, додава таа.
Покрај тоа, научниците откриле дека механичкиот стрес ја стимулира експресијата на протеин во клетките на ракот наречен Несприн-2, кој е способен да ја модифицира ДНК-та како одговор на надворешни фактори.
Станува збор за епигенетски механизам: кога научниците го блокирале овој протеин во клетките на ракот, тие почнале да се размножуваат и да се шират кон срцето.
Истражувачкиот тим моментално ја истражува можноста за реплицирање на механичките сили на срцето во други делови од телото – како што се кожата и градите – со цел да се спречи растот на туморот надвор од срцевиот орган.
Серена Џакнига и нејзините колеги исто така истражуваат дали високиот крвен притисок може да има некаков заштитен ефект против ракот.
The post Зошто ракот на срцето е толку редок? appeared first on Во Центар.



