Зошто си ја сакам свекрвата?

Никако не можам да ги разберам жените кои имаат страшни проблеми со свекрвите. Не сфаќам што делат, за што се расправаат, зошто си ги „вадат очите“?

Не е дека мојот однос со свекрва ми е совршен. И ние знаеме да се потскараме, да ме изнервира, да ја изнервирам, ама седнуваме на маса, како две возрасни жени и го решаваме проблемот или недоразбирањето кое го имаме.

Без разлика на тоа, јас мојата свекрва многу си ја сакам. Некоја ќе рече дека е невозможно да се сака свекрвата. Јас ќе демантирам и имам неколку силни причини за тоа.

Ја сакам и почитувам мојата свекрва затоа што одгледала прекрасен син, го воспитала добро и го научила на најважните животни лекции.
Секој ден му повторува на својот син дека треба да ја сака жената на неговиот живот која е и мајка на неговото дете.
Таа секогаш ми прави друштво кога треба да испазарам или ми се пие кафе, а сите мои другарки се зафатени.
Подготвува ручек, го носи кај нас дома и кога ќе си дојдеме дома од на работа, гладни и уморни имаме оброк кој е вкусен и топол.
Ми го чува детето. Дури и кога нема потреба за тоа и сум слободна. Го чува затоа што и е мерак, а не поради тоа што нејзиниот син ја замолил.
Никогаш ми го нема заборавено роденденот. Секогаш знае да ме изненади со интересен подарок.
Се нема вмешано во нашата врска. Ама, баш за ништо. Не ја интересира дали се расправаме и за што, кога планираме второ дете или со кого излегуваме.
Не ги коментира промените во домот, од типот на нови завеси или прекривки иако по нејзиниот поглед знам дека мојот вкус е далеку од нејзиниот.
Некој ќе рече блазе си ти, си нашла совршена свекрва. Не е до тоа. Таа е само жена која има разбирање, знае до каде и се границите и сака нејзиниот син да биде среќен. Ете толку! И не се меша бидејќи синот и навистина и е среќен со мене, колку ова да звучи нарцисоидно.

Нема да делам совети од типот како да го подобрите односот со свекрвата или снаата, само потрудете се, без разлика дали сте снаа или свекрва да не влегувате во конфликти и да го ставате вашиот сопруг или син меѓу два огна бидејќи навистина нема потреба од тоа, оти не делите маж. Тоа е вашиот сопруг и нејзин син. Вие две најдете заеднички јазик и сфатете дека за секој проблем има решение.

Поздрав до сите свекрви, снаи и идни свекрви.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.