Зошто студирањето е добро за нашето здравје?

Можеби на почеток ќе ви звучи неверојатно, но студирањето опушта и делува позитивно врз вашите чувства, наведуваат научниците. Тоа не треба да ве изненадува, со оглед на тоа што добро познато е дека учењето го стимулира мозокот и на тој начин гарантира виталност и активен живот.

Зошто студирањето е добро за нашето здравје?

Умот кој постојано се соочува со предизвици кои учењето и образованието ги обезбедуваат може да ве поттикне и на физичка активност и може да го одржува вашиот дух. Учењето, а со самото тоа и студирањето, претставува неверојатна алатка за одржување на ментална и физичка кондиција. Се прашувате како? Еве неколку објаснувања.

Предизвик за мозокот

Со децении се знае дека мрзеливоста, односно неактивноста на мозокот е доста лоша, бидејќи мозокот во тој период воопшто не се развива, бидејќи не постои предизвик кој го стимулира, а со самото тоа опаѓаат и мозочните активности и перформанси. Неодамна едно истражување чии резултати биле објавени во магазинот „Neurology“ наведува дека студирањето и тоа како го поттикнува мозокот на активност, тоа е предизвик за мозокот со што се намалува можност на заборавање, а посебно ризикот од се` пошироко распространетата Алцхајмерова болест. Всушност, кај секоја шеста личност се јавува ризик од Алцхајмерова болест, па ова е добра причина да се посветите на книгата. Покрај тоа, се покажа дека луѓето со високо образование и во случај да заболат од некој вид на деменција, таа е изразена во многу помала мера отколку кај оние луѓе кои не учеле.

Зголемување на „когнитивната резерва“

Луѓето кои студираат поседуваат таканаречена „когнитивна резерва“. Вродената интелигенција, како и различните форми на животно искуство како што е образованието и одреден вид на интереси може да влијае врз создавањето на овие резерви. Едно истражување покажува дека луѓето кои се запишани на факултет и имале работа која секојдневно донесува нови предизвици, во староста во помала мера биле изложени на деменција. Врз основа на тоа, научниците заклучиле дека студирањето го „зајакнува“ мозокот и создава когнитивни резерви кои се активираат подоцна во животот.

Намалување на крвниот притисок

30 годишно истражување на катедрата за психологија при Универзитетот Карнеги Мелон утврди дека луѓето со високо образование се поврзани со понизок крвен притисок. Имено, овие луѓе полесно се соочуваат со стресни ситуации и со самото тоа во крвта имаат помало ниво на хормонот кортизол од луѓето со просечно образование.

Поголема физичка активност

Истражувањето покажа дека помеѓу поранешните студенти има помалку пушачи како и повеќе студенти кои се занимаваат со спорт и редовно вежбаат.

Студирањето ја поттикнува љубопитноста

Во текот на студирањето се запознаваме со различни идеи кои можат да не` инспирираат за понатамошни истражувања. Општо е познато дека во човечката природа е љубопитноста и желбата да се истражува и да се открие. Колку повеќе учите, толку поголема станува вашата желба и потреба за знаењето да ви биде поголемо.

Ја пронаоѓате суштината на животот

Можеби звучи како клише, но навистина студирањето ќе ви открие нешто повеќе за вас самите и на вашиот живот ќе му даде одреден печат. После завршувањето со студиите ќе се чувствувате исполнето и ќе го имате она задоволувачко чувство дека сте постигнале нешто големо во животот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.