Барби не беше само уште едно парче пластика што имаше видно место во меѓу детските играчки. Тоа потсвесно скокоткање на љубопитоста исто така ја поттикна женската енергија да тежнее кон повеќе. Беше другарка, но и етикетирана грешница. Со ваква историја, Barbie на Грета Гервиг ја искористи призмата на филмот за да ни даде поинаков поглед на нашето општество и неговата апсурдност.
Дали треба Barbie да се смета за легитимно феминистичко ремек-дело и рушење на патријархатот? Тоа зависи од тоа каде е гледачот на скалата на социјална освестеност и самосвест. Филмот дефинитивно му држи на огледало на светот во кој обелоденетите ѕверства на патријархатот и компликациите на женственоста под неговата железна тупаница се нагласени како клучни поенти. Филмот не е претенциозно сериозен и нè потсетува нас, публиката, дека и ние не треба да се сфаќаме премногу сериозно. Па така, ги испорачува лекциите на опиплив начин.
Меѓутоа, белиот феминизам, превласт и капитализам се, инхерентно, сериозни прашања. Иако има филмови што многу подобро ги обработиле овие теми, сепак можеме без грижа на совест да го цениме брендот на феминизам што го претставува Barbie – феминизам кој си ги признава своите грешки до одреден степен, е подготвен да преземе безбедни мерки против сопствените креатори и кој не ја префрла вината на мажите, ни на жените, туку укажува на заедничкиот непријател – патријархатот.
Истовремено, треба да се спомнат и начините на кои филмот не си ја исполнува намената, во контекст на феминизмот, се разбира. Во вистинскиот свет има многу поголеми проблеми за жените од тоа како изгледаат и се чувствуваат, а овие проблеми се вкрстуваат со фактори како што се верата, расата и класата. Во реалниот свет, еден род многу јасно има корист од патријархалниот статус кво, дури и ако истиот е негативно погоден од истиот, со што се обезбедува неговата долговечност.
Сепак, дали можеме да очекуваме дека Барби и Barbie ќе бидат епицентарот на сите овие разговори? На крајот на краиштата, ова е филм кој брилијантно ѝ оддава почит на една легендарна кукла, трудејќи се да ги исправи нејзините грешки во тој процес. Филмот заслужува да се гледа и цени како таков. Малку ќе плачете од тага (и бес!), малку ќе се смеете и ќе се кикотите, но филмот, иако на моменти е тешко да се голтне, лесно се вари, ако одлучите да ги сварите поентите и да го кренете огледалото на реалноста кон себе и да си ги признаете сопствените привилегии.
Оттука следат спојлери!
Филмот користи самосвест не само за да го поттикне наративот – развојот на самосвеста на Стереотипната Барби (која Марго Роби ја отелотворува на повеќе нивоа и прави едноставно да не можеме да ги тргнеме очите од неа) потсетува на човештвото по падот, како и на детето кое влегува во адолесценција – но исто така служи како лепак на противречностите, па истата таа самосвесност служи како еден вид превентивна одбрана на проектот во целина. На крајот, она што ги спасува Барбиките од доминацијата на Кеновците е учењето за когнитивната дисонанца вклучена во тоа да се биде жена во реалниот свет. Ова е местото каде што сценариото најмногу тапка во место, бидејќи неговата несигурна рамнотежа помеѓу вештината, разиграноста и сериозноста е целосно исфрлена од рамнотежа. Балансот во ова затишје го остварува Кен, кого Рајан Гослинг го портретира повеќеслојно и мајсторски.
Долгиот, трогателен говор на Глорија (за која не сум сигурна дека Америка Ферера бил најдобриот избор), во кој таа опишува колку е заморно да се живее во свет кој бара од вас да бидете слаби, но не премногу слаби, наметливи, но не препотентни и никогаш премногу стари, е претставен како зборови од кои ќе ви заигра утробата и ќе ви ги отвори очите и ќе направи да се чувствувате видено и препознаено, но САМО ако самите не сте почнале да се едуцирате и да си ги отворате очите, ако не сте се поместиле од удобноста и не сте прекинале да барате валидација надвор од себе.
Да, од жената се очекува да е совршена во свет кој е далеку од совршен, да ги поправи и исцели мааните, грешките, проблемите и раните што ги оставаат мажите кои се удобно сместени во патријархалните фотелји, и кои истовремено не само што не сакаат, не планираат, туку и не ни помислуваат да ѝ ги дадат потврдата, валидацијата и благодарноста што ги заслужува.
Дури и Стереотипната Барби, во сето нејзино аспиративно совршенство, не може да остане Стереотипна Барби – влегувајќи во реалниот свет, таа почнува да доживува цела низа на грди емоции, раскажани во хуморот својствен за Гервиг (и Марго Роби тоа совршено го испорачува).
Развива сомнеж во себе, анксиозност, но и чувства на немоќ, фрустрација и очај што доаѓаат со живеењето под сексизам. Нема враќање назад во Барбиленд и нејзините сигурности. Сè што Барби може да направи сега е да биде човек, со сите ранливости и неуспеси и несигурности и целулит и ергономски обувки.
Филмот Barbie на тој начин се обидува да го преиначи првобитниот грев на играчката Барби. Додека куклата нè направи толку болно свесни за нашите несовршености, филмот на Гервиг се обидува да нè поддржи во сите наши глупави, величествени недостатоци и да нè избави од самите себе; да ни каже дека да се биде изгубен(а), збунет(а) и понекогаш без волја за живот, поентата сепак е да се биде жив.
Затоа, без разлика како се идентификувате по род, дали се идентификувате како феминист(к)и, колку години имате и дали воопшто поседувате розово парче облека, топло препорачувам да го погледнете Barbie, и тоа во кино. Зошто? За да го почувствувате неспоредливото колективно кикотење, стискање заби и одушевување што неизбежно ќе ви се случат. И за да си поставувате прашања цел пат до дома. И се надевам долго потоа.