Зошто „Јулија“ ги избриша Фејсбук страниците за промоција на „јазичното студио“ – Проверува ли некој дали директорот на АНБ има лажен TOEFL сертификат?

Јазичното студио „Јулија“ од Бугарија ги избриша сите Фејсбук страници за промоција во Бугарија и Грција, дознава Инфомакс по проверка на социјалните мрежи.

Претходно Јулија имаше две Фејсбук страници за промоција на агенцијата, меѓутоа и веб страницата за Бугарија и веб страницата за Грција веќе не постојат на социјалните мрежи.

Ова се скриншотите од страницата во Бугарија, а во продолжение доказ дека е избришана и страницата во Грција.

Инфомакс претходно објави ексклузивни информации за јазичното студио Јулија од кое актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски наводно го добил TOEFL сертификатот за познавање на англиски јазик.

Бугарски „Фактор“ објави информации дека јазично студио Јулија кое издава TOEFL сертификати во Пловдив никогаш не постоело, а информацијата ја потврди и гледач на Инфомакс од Бугарија кој отиде на адресата наведена во бугарскиот регистар на компании.

Јазично студио „Јулија“ во Пловдив, Бугарија не постои, покажуваат ексклузивните снимки на Инфомакс од адресата кадешто треба да биде сместено јазичното студио од кое директорот на АНБ, Бојан Христовски, наводно добил TOEFL сертификат за познавање на англискиот јазик.

Христовски, како што е наведено во неговата официјална биографија, добил сертификат за познавање на англиски јазик од јазично студио „Јулија“ во Бугарија. На прашањето зошто не набавил сертификат за познавање на јазик од Македонија, Христовски во гостување во „360 степени“ рече дека во 2022 година тоа било најбрз можен начин да се добие сертификат, бидејќи таму имале термини.

Дека во Пловдив никогаш немало овластено студио кое доделува TOEFL сертификат денеска потврдија и бугарските колеги оф ФАКТОР.БГ .

– Проверката на Интернет покажува дека нема официјална веб-страница или друга реклама на јазичното училиште ’Julia Co.LTD’, како што тврди Христовски. Пронајдена е само фејсбук-страница на консултантска куќа со слично име, која се занимава со посредување при работа во странство, подготовка на документи, преводи и легализација, пишува „Фактор.бг“.

Новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, ја презел функцијата со фиктивна диплома за англиски јазик од Пловдив, пишува бугарски „Фактор“. Во написот, како што се наведува, на посочените адреси во Пловдив нема такво јазично училиште. Порано таму била сместена компанијата „Julia Co.LTD“, но сега канцеларијата е затворена и работат онлајн.

Во телефонски разговор, лицето кое одговорило на бројот објавен во брошурата посочило дека компанијата не издава сертификати за ТОЕФЛ и не врши обука за добивање на таков сертификат, пишува „Фактор.бг“.

Јазичното студио „Јулија“ веќе издало низа лажни сертификати за македонски државјани.

Инфомакс објави дека две директорки на образовни институции во Македонија добиле кривична пријава за лажен сертификат издаден од истото јазично студио како и сертификатот кој го добил директорот на АНБ, Бојан Христовски.

Министерот Панче Тошковски на 26 април на социјалните мрежи објавил дека е поднесена кривична пријава за велешанка која приложила лажен сертификат за пзнавање на англиски јазик при аплицирање за директорска позиција во Велес.

Велешката полиција поднесе кривична пријава против М.В.(44) од Велес, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“. 

Како што информираат денеска од МВР, пријавената, на функција директор во општинска јавна установа за деца – детска градинка во Велес, прибавила меѓународно признаен сертификат за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Бугарија.

Иако знаела дека исправата е со невистинита содржина, М.В. ја употребила како доказ дека поседува меѓународно признаен сертификат при нејзиното аплицирање на Јавен оглас за избор на директор на детската градинка, по што и била именувана на функцијата.

Ист случај имало и во Кисела Вода каде градоначалникот Орце Ѓорѓиевски разреши директорка на образовна институција откако утврдиле дека прикажала лажен сертификат за познавање на јазик.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски разреши директорка на основно училиште која поседувала лажна диплома за странски јазик во февруари годинава, што секако е одличен потег особено откако дознавме дека новоименуваниот директор на АНБ има TOEFL сертификат од Пловдив, Бугарија.

Ѓорѓиевски тогаш потенцираше дека правдата мора да излезе на виделина и при тоа да нема никакви негативни последици врз учениците и наставно-научниот процес.

–Нема компромис кога е загрозен законот. Директорката веднаш е разрешена. По добиените информации дека една директорка на основно училиште поседувала лажна диплома за странски јазик, донесов одлука за нејзино разрешување. При самиот избор, разгледувањето на документацијата и интервјуто од страна на Училишниот одбор не било возможно да се увиди дека списите не се регуларни, при што е изготвен извештај за избор на најдобар кандидат, кој што ќе биде поништен, и наскоро училиштето ќе добие нов в.д. директор, истакна Ѓорѓиевски.

Правдата мора да излезе на виделина, вели Ѓорѓиевски, при тоа да нема никакви негативни последици врз наставно-научниот процес и врз самите ученици. 

–Апелирам надлежните институции да го расветлат случајот до крај, непристрасно, исклучиво водејќи се според законодавната легислатива. Врвен интерес преставува владеењето на правото и работа во интерес на сите граѓани на Општина Кисела Вода, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Во меѓувреме ниту Владата ниту директорот на АНБ не ги демантираа вчерашните објави на Инфомакс. Претходно и СДСМ објасни дека во Пловдив не постои сертифициран TOEFL центар, а никој не ги демантираше ниту тие информации.

Останува Министерството за внатрешни работи, да провери како директорот на АНБ добил сертификат за познавање на англиски јазик и да постапи исто како и во претходните случаи кога поднело кривични пријави, а лицата биле разрешени од функциите.

Пронајдете не на следниве мрежи: