Поранешниот потпретседател на СДСМ и еден од предводниците на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, Игор Ивановски, упати остри критики кон актуелното раководство на партијата и лидерот Венко Филипче.
Ивановски изјави дека Филипче и групата околу него, според него, станале „фракција“ во СДСМ, додавајќи дека платформата ќе му достави на партискиот лидер План за консолидација и структурни промени.
„Јас знам дека на Венко Филипче му е тешко и ќе му биде уште потешко, но не смее да ѝ биде потешко на СДСМ. Тој има шанса, макар на крајот, со своите постапки да помогне оваа, во момент заробена партија, да се отвори и да се врати на членството“, рече Ивановски.
Од платформата велат дека предложените промени повеќепати биле предмет на разговори во партијата и дека целта е консолидација и структурни промени во СДСМ.
Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ претходно соопшти дека нема намера да формира нова политичка партија, ниту да настапува со независни листи, туку дека нејзината цел е окрупнување на опозицискиот фронт и промени во СДСМ.
Во платформата учествуваат Гордан Георгиев, Андреј Петров, Славјанка Петровска, Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев и Емилијан Станковиќ. На денешната трибина учествуваше и Левица, претставувана од пратеникот и портпарол Амар Мециновиќ.
Ивановски оцени дека присуството на претставник на Левица покажува дека се шири кругот на учесници во иницијативата.
Од друга страна, СДСМ ги обвинува членовите на платформата дека се дел од иницијатива која има цел да ја преземе партијата. Филипче претходно ја нарече платформата „нов ЗНАМ“ и тврдеше дека станува збор за обид за пуч и преземање на СДСМ.
Со тоа продолжува отворениот судир меѓу актуелното раководство на СДСМ и групата поранешни и актуелни функционери кои бараат промени во партијата.



