Игор Спасов од денес се бара со потерница на територијата на државата

Специјалецот Игор Спасов, осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски, од денес со потерница се бара на територијата на Република Македонија.
Јулијана Неткова, портпаролот и судија во Основниот суд во Штип, за МИА информираше дека надлежните од МВР и СВР-Штип ги информирале дека Спасов од петокот до денес не е најден на подрачјето на Општина Штип.
– Игор Спасов не е пронајден и е недостапен на органите на прогон. СВР- Штип го извести Судот дека тој е недостапен и е во бегство, поради што Судот веднаш издаде согласност за издавање на потерница за негово пронаоѓање на територијата на Република Македонија, изјави Неткова.
Неткова уште додаде дека доколку истражните органи не го пронајдат и на територија на државата, повторно се известува Судот, кој дава согласност за издавање на меѓународна потерница.
Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски вечерта на прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори. Казната затвор ја издржувал од 2011 година, а поради здравствени проблеми во прекин му е од минатата година. Тој требаше да се јави во Затворот „Идризово” на 18 октомври, но тоа не го стори.

Пронајдете не на следниве мрежи: