На 3 март 2025 година, Одборот за реализација на проектот „Гевгелија град на културата за 2025 година“ објави јавен повик за избор на идејни решенија за лого и постер за проект од национален интерес. Во предвидениот рок за поднесување апликации пристигнаа идејни концепции од вкупно 9 кандидати и еден по завршување на рокот. Одборот разгледа пристигнатите решенија и едногласно ги избра концептите, дизајнирани од Катарина Пренда, како победнички. Овие модерни и урамнотежени визуелни елементи ги истакнуваат богатата историја и културното наследство на Гевгелија како „Град на култура“ во 2025 година. Логото е инспирирано од релјефна чаша со мотив на македонски штит, потекнувајќи од III-II век пр. н. е., најдена на археолошкиот локалитет „Вардарски Рид“- Гевгелија. Логото е прикажано како сонце со концентрични кругови, што го симболизира светлото, топлината, виталноста и гостопримливоста на Гевгелија, која е центар на културните настани во 2025 година.
Катарина Пренда е дипломиран графички дизајнер. Родена во Гевгелија, каде завршила средно образование, во 2012 година дипломирала на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје. Својата професионална кариера започнала во 2009 година како графички дизајнер, работејќи во маркетинг агенции и издавачки куќи. Таа е заслужна за пионерскиот проект за деца „Светот на Биби“, кој доби голема популарност и чии дизајни се објавени и надвор од границите на земјата.
The post Идејно решение за „Гевгелија град на културата за 2025 година“ од Катарина Пренда appeared first on 365.mk.