Избори во Црна Гора: Опозицијата прогласи победа, Ѓукановиќ не признава пораз

Изборните резултати од парламентарните избори одржани вчера во Црна Гора покажуваат само еден мандат разлика меѓу двете големи коалиции, односно меѓу власта и опозицијата.
Центарот за мониторинг и истражување (ЦЕМИ) соопшти дека врз основа на 100 отсто преброени гласови Демократската партија на социјалистите (ДПС), и коалицијата „Одлучно за Црна Гора“ освоила 35,41 отсто од гласовите или 30 мандати, додека коалицијата „За иднината на Црна Гора“ има 32,81 отсто или 27 пратенички места. Опозициската „Мирот е нашата нација“ освои 12 ,7 отсто, социјалдемократите 4,09, Бошњачката партија 3,74, СДП 3,1 Црно на бело 5,5 и Албанската коалиција доби 1,35 отсто од гласовите.
Демократскиот фронт прогласи победа на опозицијата со зборовите: Берлинскиот ѕид падна, додека шефот на државата и претседател на ДПС Мило Ѓукановиќ потенцира дека неговата партија освоила 30 од 81 пратеничко место и најави дека продолжува борбата за мнозинство. Тој рече дека традиционално со партнерите имаат 40 мандати и оти борбата останува за едниот мандат кој ќе значи мнозинство.


Лидерот на коалицијата „Мирот е нашата нација“ Алекса Бечиќ порача дека Црна Гора испишува историја и дека веќе не е единствената држава во светот која никогаш на избори не сменила власт. Тој рече дека се докажало дека одлуката на опозицијата да тргне во неколку силни колони се покажала како клуч за историскиот резултат на парламентарните избори.
– Не се напаѓавме, имавме модел за секој граѓанин да има избор и првпат не беше потрошен ниту еден единствен глас, изјави Бечиќ.
Приврзаниците на досегашната опозиција масовно излегоа да ја прослават историската победа. Лидерот на коалицијата „За иднината на Црна Гора“ Здравко Кривокапиќ им се придружи на насобрабите граѓани кои слават со труби и знамиња пред Храмот на Христовото воскресение во Подгорица, каде го пречека митрополитот црногорско-приморски Амфилохије.
На парламентарните избори учествуваа 11 партии и коалиции, а право на глас имаа 540.026 граѓани.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.