Изборни маратонци – ќе се трча до локалните избори во октомври

  Во 2024 година, Северна Македонија доби нова Влада, а до крајот на 2025 година ќе добие и друга локална власт. Градоначалниците на 80 општини и Градот Скопје започнаа да ги „трчаат“ последните девет месеци од мандатот. Поголем дел од партиите, но и поединци, меѓу нив и актуелни градоначалници, и покрај завршувањето на парламентарните избори, не ја запреа кампањата и постојано се присутни, како на традиционалните медиуми, така и на социјалните мрежи. „Теренот“ е постојано актуелен, особено сега за новогодишните и божикните празници.
Несомнено, на локалните избори, актуелната владејачка коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски првпат по парламентарните избори повторно ќе се соочи со гласачите, но тие ќе бидат тест и за опозициските партии, како кај македонскиот електорат, така и меѓу партиите на Албанците во земјава.
Особено атрактивен за партиите и потенцијалните кандидати е главниот град чија што градоначалничка неодамна во телевизиско интервју веќе се изјасни дека нема да се кандидира за уште еден мандат.

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ неофицијално засега има неколку потенцијални кандидати за прв човек на Градот Скопје. Очигледни се дури и кампањите на неколкумина кои или се надеваат на следен мандат или типуваат на главниот град.
Во таборот на опозициските партии, јавно засега нема кандидати за кои би можело да се каже дека размислуваат за прв човек на Скопје.
По катастрофалниот пораз на парламентарните избори, осипувањето на членството – дел поради разочараност, дел поради обвинувањата за корупција и злоупотреби на нивни функционери, СДСМ со нов тим работи на консолидирање на редовите. Се работи и на промоција на новиот партиски врв предводен од лидерот Венко Филипче.
За очекување е и „Левица“ да има кандидати за градоначалници, но и кај нив има промени во дел од партиската структура.
Големи турбуленции има кај партиите на Албанците по влегувањето на „Влен“ во владината коалиција и одењето на ДУИ во опозиција по две десетлетија на власт и ставањето на црната листа на САД на Артан Груби, а претходно и на Рамиз Мерко и обвинувањата за корупција на други нивни функционери. Но, едно е заедничко дека, барем медиумски, сите се присутни меѓу граѓаните „на терен“.
Меѓу поатрактивните за политичките противници, на кои граѓаните се надеваат дека ќе им се приклучат и независни кандидати, се скопските општини, но и поголемите градови како Битола, Охрид, Гостивар, Тетово, Штип, Струмица, Куманово…

Локалната власт не е комплетна без членовите на советите. Па така заедно со градоначалничката се води и трката за советничките места која речиси и да не се гледа во вестите на традиционалните медиуми и мноштвото информации на социјалните мрежи, но за граѓаните е особено важна бидејќи токму тие, советниците се нивниот глас кој води до надминување на секојдневните проблеми во местата каде што живеат.
Можни датуми за локалните избори – недела 19 или 26 октомври 2025

Загадувањето на воздухот, автобускиот или јавниот превоз, зеленилото, убавите и прегледни улици, канализацијата, чистотата, состојбата во училиштата, градинките, урбанизација… од денешна гледна точка, би требало да бидат главните прашања на овие избори. Навидум до октомври има многу време до изборите, но само за граѓаните кои не учествуваат.
Според сегашниот Изборен законик, локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. Доколку тоа остане така согласно сегашниот Изборен законик, тие треба да се одржат во недела на 19 или 26 октомври.
Дотогаш, односно веројатно најбргу, треба да се изработат измени или нов Изборен законик, согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР. До последната недела на декември лани, од Министерството за правда се уште немаше најава за такво нешто. Работна група изготвуваше измени на Изборниот законик, но пред парламентарните избори, кои се одржаа на 8 мај 2024 година тие не беа донесени во Парламентот.

За локалните избори тековно се подготвува и Државната изборна комисија, која според информациите од последната седница кога беше донесен Стратешкиот план за период 2025 – 2028 година, се соочува со кадровски проблеми односно недостаток на вработени. Претходно, беше екипиран составот на Комисијата, со двајца нови членови кои дојдоа од редовите на стручните служби. На пролет истекува четиригодишниот мандат на членовите на избирачките одбори и ќе мора да се избираат нови состави. Станува збор за бројка од околу 21.000 лица за кои се врши случаен избор од редовите на вработените во државната, јавната, општинската и администрацијата на градот Скопје. Во избирачките одбори има и двајца членови на предлог на политичките партии на власт и опозиција кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.
Претседателот на ДИК Борис Кондарко за МИА вели дека тие согласно законот работат тековно на организација на избори, подготвуваат нови обуки, подзаконски акти, се разгледуваат упатствата и.т.н. Четири пати годишно се прочистува и Избирачкиот список, согласно податоците што се добиваат од Министерството за внатрешни работи, а како што вели тој, граѓаните можат преку веб страната на ДИК секогаш да ги проверат своите податоци и доколку има потреба да побараат тие да се променат, избришат или корегираат.
Доколку има разговори за измени на Изборниот законик, ДИК, вели нејзиниот претседател, активно ќе се вклучи со нивни предлози во техничка смисла, но исто така ќе бара исплатата на платеното политичко рекламирање да не оди преку нив бидејќи тоа не е надлежност на Комисијата.

Територијалната организација на Републиката и подрачјата на општините се утврдуваат со закон. Локалната самоуправа во Република Северна Македонија е организирана во 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Во состав на Градот Скопје функционираат 10 општини, кои имаат поделени надлежности со Градот.
Локалните избори се одржуваат секоја четврта година, истовремено во сите 80 општини и во градот Скопје.
Првите локални избори по осамостојувањето во 1991 година, одржани се во 1996, и потоа во 2000, 2005, 2009, 2013, 2017, а последните беа во 2021 година.
Изборите ги распишува претседателот на Собранието со донесување акт што се објавува во Службен весник. Изборите се одржуваат најрано 70, а најдоцна 90 дена од денот на распишување на изборите.
Елизабета Велјановска Најдеска

Пронајдете не на следниве мрежи: