Избрана новата бугарска влада: Радев најави продолжување по европскиот пат, но со „критичко размислување и прагматизам“

Бугарија денеска, 8. мај 2026 година, избра нова редовна влада предводена од Румен Радев, поранешен претседател на државата и лидер на „Прогресивна Бугарија“. Народното собрание го избра кабинетот со 124 гласа „за“, 70 „против“ и 36 воздржани, со што земјата формално влегува во нов политички циклус по години изборна нестабилност, краткотрајни влади и исцрпувачки парламентарни блокади.

Радев доаѓа на премиерската функција со ретко силна парламентарна позиција. Неговата „Прогресивна Бугарија“ на изборите од 19 април освои 44,6 проценти од гласовите и мнозинство во 240-члениот парламент, што според Ројтерс му отвора пат кон прва еднопартиска влада во Бугарија по речиси три децении.

Политичката биографија на Радев ја прави оваа промена уште позначајна. Тој не е класичен партиски технократ, туку поранешен командант на бугарските воздухопловни сили, поранешен претседател и политичар кој го напушти претседателскиот мандат во јануари за да влезе во директна трка за извршната власт. Таквиот потег беше ризичен, но изборниот резултат покажа дека голем дел од бугарските гласачи сакаа прекин на долгиот циклус на нестабилност.

– Им благодарам на бугарските граѓани кои со својот глас ставија крај на политичката криза. Со овие зборови, кандидатот за премиер на Бугарија, Румен Радев, го започна својот говор пред пратениците каде што ги изнесе приоритетите на идната влада и го претстави составот на кабинетот пред Народното собрание, објави БГНЕС.

Во обраќањето пред пратениците, Радев најави дека владата ќе работи на намалување на ценовниот притисок, стабилизација на институциите, усвојување буџет, судски реформи и отклучување на европски средства од Планот за закрепнување и отпорност.

Новиот кабинет е структуриран со четворица вицепремиери и 18 министерства. Според бугарските медиуми, меѓу вицепремиерите се Г’л’б Донев, Атанас Пеканов, Александар Пулев и Иво Петков, при што дел од нив ќе бидат без портфолио. Во владината структура се предвидува и преструктурирање на ресори, особено во делот на економијата, индустријата, иновациите и дигиталната трансформација, со образложение дека целта е послаба администрација и поефикасно управување.

Најчувствителниот дел од новата бугарска равенка е надворешнополитичкиот профил на Радев. Меѓународните медиуми го опишуваат како евроскептичен и наклонет кон попрагматичен однос со Русија, додека неговиот политички тим уверува дека Бугарија нема да направи драматично свртување во надворешната политика. Асошиејтед прес забележува дека Радев ветил продолжување на европскиот пат, но со повеќе „критичко размислување и прагматизам“.

Токму тука ќе се гледа вистинската тежина на новата влада. Бугарија е членка на ЕУ и НАТО, а секое двоумење околу Украина, санкциите кон Русија, европските фондови и владеењето на правото ќе биде внимателно следено во Брисел. Радев може да добие домашен простор за реформи само ако уверливо покаже дека стабилноста во Софија не значи непредвидливост за европските партнери.

Пронајдете не на следниве мрежи: