Изворот на лажните документи што ги објави СДСМ првин дојде кај мене, го избркав

Обраќајќи се до опозициските партии на Албанците лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од вечерашниот митинг порача дека сакаат да коалицираат со нив, но и да се почитуваат како пријатели и сограѓани. Тој упати порака и до ДУИ да се ослободи од корумпираните функционери што, како што кажа, ќе се цени како влог на партијата во соживотот и во системот на државата   

Мицкоски упати прашање до актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат на фунцијата поддржан од СДСМ дали до крај ќе се бори во вториот круг од изборите или ќе го бојкотира, доколку разликата меѓу него и Гордана Силјановска-Давкова во првиот круг биде со шест цифри во корист на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ

Влада ќе прави ВМРО-ДПМНЕ и никогаш нема да ја изиграме волјата на народот. Доаѓа победа голема како планина. Да ја направиме Македонија повторно горда, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање на вечерашниот митинг на партијата со кој беше означен почетокот на кампањата на Гордана Силјновска-Давкова во трката за шеф на државата. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Најавувајќи го говорот на Мицкоски, кандидатката за претседател на државата која претходно се обрати пред членовите и симпатизерите на партијата, рече оти се надева дека како и претседателските и парламентарните избори ќе донесат радикална промена во државата, бидејќи го имаат човекот за времето што доаѓа. 

„Народот доаѓа по своето. Доаѓа по тоа што му е одземено. Доаѓа по Македонија. Да си ја врати во свои раце и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите, со кои ќе им покажеме на сите дека можеме, дека знаеме, дека си ја сакаме Македонија, дека не ја даваме, и дека ние сите заедно сме силата на Македонија“,

рече Мицкоски на почетокот од своето обраќање.  

Македонија, како што кажа Мицковски, е идеја која не може да биде уништена. Јасната и заедничка цел на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „Твоја Македонија“, рече тој е да ја врати Македонија во рацете на народот и да ја одземе од „рацете на стотина функционери на Демократската Унија за интеграција (ДУИ) и нивните измеќари од СДСМ“. 

Говорејќи во овој контекст, Мицкоски упати критики до својот политички ривал, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски за кого рече дека државата му ја подарил на Али Ахмети на тацна и оти 20 години колку што се на власт ниту еден функционер на ДУИ не одговарал пред законот.  

„А, денес државата е во нивни раце, а нивните измеќари од СДСМ се спремни да ја платат секоја цена само да ја задржат фотелјата, и не прашуваат колку чини таквата распродажба на Македонија. Правеа заговори, сакаа да не нема, сакаа да прават малцински влади, правеа тајни средби за кои мислеа дека нема да дознаеме, коваа планови како да не надитрат и затоа што не можат да не победат, пробуваа што било само за да можат да останат што подолго на власт“,

рече Мицкоски.  

За актуелниот претседател на државата, Стево Пендаровски рече дека целиот мандат го поминал како аналитичар и дека во битката за втор мандат ќе загуби катастрофално од кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, што нема да му оди во вториот круг. 

Во тој контекст, Мицкоски упати јавно прашање до него и до лидерите на СДСМ и на ДУИ, Димитар Ковачевски и Али Ахмети, дали до крај ќе се борат во вториот круг од претседателските избори или ќе го бојкотираат. 

„Па оттука сакам да упатам јавно прашање до Ковачевски, Али Ахмети и Стево Пендаровски. Доколку разликата во првиот кург помеѓу идниот претседател Гордана Силјановска-Давкова и празениот Стево Пендаровски биде со шест цифри дали тогаш ќе излезете и докрај ќе се борите за да изгубите целосно во вториот круг на претседателските избори или кукавички ќе бојкорирате. Зошто ова го прашувам? Затоа што видовме дека изминативе години се спремни и подготвени на секакви сценарија кога знаат дека ќе загубат“,

рече Мицкоски. 

Од митингот на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Во својот говор, тој се осврна и на францускиот предлог, за кој рече дека бил претставен како голем успех, а всушност е јамката околу вратот на Македонија.  

„Удираат по темелите, а Бугарија ја користи слабоста на македонската влада. Создадоа раздори и кавги. И овозможија на Бугарија, Македонија и историското ВМРО да го гледаат како дел од нивната историја, а тоа е главниот елемент од нашата македонска историја, што самото по себе покажува дека имаме различна историја“,  

рече Мицкоски. 

За своите политички противници, рече, оти кажуваат дека имаат план за влез во Европската Унија, но не кажуваат кој е тој и праша како ако досега не обезбедиле две третини за промена на Уставот како тоа ќе го направат кога ќе бидат со 30 пратеници во Собранието.  

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека за време на кампањата ќе бидат фокусирани на понудата и планот за излез од кризата и оти нема да се занимаваат со нивните противници. Од друга страна, додаде тој, гледа дека СДСМ се користи со црна кампања и измислување и фалсификување на документи.  

За материјалите кои ги објави СДСМ и за кои од партијата тврдат дека покажуваат оти ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на партиите Мицкоски рече дека нивниот извор, кого го нарече „балкански мешетар“, своите услуги првин му ги понудил нему.  

„Изворот на таквите вести е еден балкански мешетар и контрактор со потекло од Израел кој скапо го платиле со украдените пари од тендерите кои ги местат. Тој мешетар е познат по таквите измислувања, фалсификувања и ширење лажни вести. Ова го кажувам за да знае и Ковачевски дека истиот човек пред да отиде кај него, беше кај мене и ми понуди да прави фалсификани документи за власта кои ќе ги продаваме во јавноста како големи скандали. Мојата порака кон овој мешетар беше јасна, јас во политиката влегов да градам и поправам, а не да растурам и расипувам работи или терам црни кампања“,

рече Мицкоски, додавајќи дека така силно го избркал од неговата канцеларија што го промашил излезот од просторијата.  

Тој упати порака до Ковачевски и Пендаровски дека фалсификувањето е кривично дело, а за неколку недели двајцата нема да бидат на функции и да се кријат зад имунитетот што тие им го даваат. 

Мицкоски им се обрати и на своите сопартијци, порачувајќи им да не го чекаат доаѓањето на власт лежерно и спокојно, бидејќи таа мора да се заслужи.  

„Мора да знаеме дека се чекаат брзи резултати од нас, а заслужената власт значи одговорна власта. Кога толку е блиску промената, не смее да има ниту секунда одмор, нашата борба почнува и мора да ја оправдаме довербата на народот“,

рече Мицкоски. 

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Тој апелираше до сите граѓани без разлика на етничката припадност да им ја дадат поддршката, бидејќи, како што кажа, работата е едноставна – или ќе се отседи дома и ќе се награди ова владеење или со пенкалото ќе се победи овој систем во распаѓање и ќе се одбере патот на промените. 

Од митингот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара поддршка и упати пораки до пензионерите, до младите да останат во земјата и да не се откажуваат од Македонија, до работниците, земјоделците, до докторите.  

На бизнисмените им порача дека од нив зависи дали „петмина од ДУИ ќе ја водат државата и измеќарите од СДСМ ќе ги добиваат тендерите“, или ќе се работи според закон и вистинскиот квалитет ќе биде награден.  

Обраќајќи се до опозициските партии на Албанците рече дека сакаат да коалицираат со нив, но и да се почитуваат како пријатели и сограѓани.  

„И Македонците и Албанците и сите останати ги имаат истите проблеми и предизвици, и вашите синови и ќерки се иселуваат како и нашите. Да работиме заедно за држава со систем во која сите еднакво ќе имаат привилегии, но и одговорност“,

порача Мицкоски.  

На ДУИ, пак, и порача дека „и опозиција е добра за развојот на една партија и за себеоценка на сопствените грешки“. 

„Ослободете се од криминалот, ослободете ја државата од вашите корумпирани функционери и ќе го цениме тоа како ваш влог во соживотот и во системот на државата“,

рече Мицкоски.  

Говорот го заврши со порака до идните функционери од ВМРО-ДПМНЕ и до партиите од нивната коалиција.  

„Никогаш, ама баш никогаш немојте да го разочарате народот. Секоја грешка ќе биде остро санкционирана. Не планирам да толерирам или премолчувам каков било криминал и злоупотреба. Имаме многу заедничка работа. Барам од вас пожртвуваност, посветеност, професионалност, верност кон народот и верност кон Македонија“,

рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Пронајдете не на следниве мрежи: