Изгор цени: Погледнете колку чини да го видите папата Лав XIV само за неколку минути!

Жителите на делови од Барселона почнаа да издаваат под наем балкони и тераси со поглед на рутата што папата Лав XIV ќе ја помине на 10 јуни , а цените за изнајмување достигнуваат и до 1.600 евра , јавуваат шпанските медиуми.

Рекламите објавени на онлајн платформите нудат привремен пристап до приватни балкони во близина на базиликата Саграда Фамилија, од каде посетителите ќе можат да ја следат посетата на папата и поминувањето на папамобилот.

Најскапите понуди вклучуваат изнајмување на целиот простор за до осум лица по цена од 1.600 евра, со дополнителни бенефиции како што се освежителни пијалоци, вино, користење на тоалетот и простор за седење.

Индивидуалните седишта се продаваат по цени од околу 250 евра, додека другите понуди се движат помеѓу 350 и 1.200 евра , објави RTVE.

Повеќето од огласите се однесуваат на станови во областа Еишампле, во непосредна близина на црквата, каде што се очекуваат голем број верници и туристи за време на посетата на папата.

Изнајмувањето обично трае помеѓу два и три часа , а некои сопственици нудат можност за резервација на целиот балкон или поединечни седишта. Во некои случаи, потребна е авансна уплата од 50 проценти од вкупната цена.

Медиумите ги предупредуваат граѓаните за можноста за измама во ваквите неформални договори меѓу приватни лица, препорачувајќи проверка на идентитетот на огласувачите и претпазливост при вршење авансни плаќања.

Градските власти на Барселона објавија воспоставување безбедносна зона од девет градски блокови околу базиликата за време на посетата на папата Лав XIV, со пристап само за жители, акредитирани новинари и лица со посебна дозвола.

Папата Лав XIV денес ќе пристигне во Шпанија на повеќедневна посета, за време на која ќе ги посети центрите за прием на мигранти, ќе се обрати во шпанскиот парламент и ќе ја посети базиликата Саграда Фамилија во Барселона. Се очекува тој да се сретне и со жртви на сексуална злоупотреба во Католичката црква.

Посетата, која ќе трае до 12 јуни , доаѓа на покана на шпанскиот премиер Педро Санчез , кој постојано јавно ги поддржува ставовите на папата за мирот и миграцијата.

Санчез претходно го бранеше поглаварот на Римокатоличката црква од критиките од американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи дека „додека некои сеат војни, Лав XIV шири мир“.

Папата во последните недели постојано предупредуваше за последиците од воените конфликти и ја критикуваше употребата на религиозен јазик за оправдување на воените интервенции.
The post Изгор цени: Погледнете колку чини да го видите папата Лав XIV само за неколку минути! appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: