Изложба на олдтајмери во Скопје

Несекојдневни олдтајмери и мотоцикли од кои дел за првпат ќе бидат видени во Македонија денес ќе бидат изложени на плацот кај авиончето во скопската населба Аеродром.
На настанот „Skopje Classic Day“ се очекува да бидат изложeни 50-тина луксузни олдтајмери и 20-тина мотоцикли, а меѓу нив ќе има и 10-тина автомобили донесени од соседните држави. Возилата ќе бидат постари од 35 години што е услов за да се класифицираат како олдтајмери. Организатори на настанот се Игор Стефановски и Благоја Петровски. Тие неодамна во Скопје по третпат го организираа  „Distinguished Gentleman’s Ride“ и најавија поразлична изложба од досега организираните во Македонија.
– Ќе има индивидуално претставување на секое возило и ќе се обидеме да ангажираме девојки кои ќе имаат соодветен аутфит со периодот од кој потекнува возилото со цел да се добие целосен впечаток за тој временски период. Селектираме автомобили и мотоцикли бидејќи идејата не е да одиме на квантитет, туку на квалитет- велат Стефановски и Петровски.
Замислено е да има динамична и статична презентација на возилата со кратка приказна за возилото, а планирано е да се додели и награда за најдобра целосна презентација.
– Секој има приказна врзана за своето возило – како го нашол, колку време му било потребно да го реставрира возилото- додава Петровски.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.