Во чест на 24 Мај, денот на сесловенските просветители и учители, браќата Кирил и Методиј, во сабота од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот Културно-информативен Центар во Софија, ќе биде свечено отворена изложбата „Траг“. Оваа уникатна поставка ги обединува делата на визуелниот и мултимедијален уметник Стефан Анчевски од Куманово и скулпторот Марјан Стојаноски од Прилеп. Изложбата „Траг“ претставува современо истражување на поимот на трага – од физички белег до емоционален отпечаток и визуелна метафора.
Со иновативен пристап, комбинирајќи различни медиуми, апстрактни композиции, видео инсталации и тактилни структури, Анчевски и Стојаноски создаваат простор за лична интроспекција и визуелна интрига. Оваа изложба ја истражува тенката граница меѓу присуството и отсуството, светлината и сенката, и спокојството и динамиката, претворајќи го сето тоа во ритмичен визуелен јазик што индивидуално ќе комуницира со секој гледач.
Стефан Анчевски, роден 1993 во Куманово, е мултимедијален уметник активен во различни уметнички дисциплини, од сликарство и скулптура до видео и концептуална уметност. Со над 11 самостојни и повеќе од 150 групни изложби, тој непрестано ги предизвикува границите меѓу медиумите и идеите. Марјан Стојаноски, роден 1983 во Прилеп, е познат скулптор и член на бројни уметнички асоцијации, чии дела носат силен израз и индивидуална естетика која длабоко навлегува во човечките искуства.
Изложбата е отворена за сите љубители на современа уметност, со цел да понуди нови перспективи за перцепција на уметничкиот јазик, траговите што ги оставаме и нивното значење во колективната и индивидуалната меморија.


