Финансиската полиција објави дека во штипското обвинителството поднела кривична пријава за измама и фалсификување со што е направена штета на фирма за откуп на стари акумулатори во вредност од околу три и пол милиони евра, објави „Телма“.
Осомничени се три лица и една фирма. Парите завршувале на сметка на отпад за стари акумулатори со лажни потврди за откуп на стока. Еден вработен во отпад и директорот на отпадот на акумулатори заедно со третиот соучесник, којшто е вработен во оштетената компанија правеле лажни фактури за наводно купување на акумулаторите иако во реалноста немало купување и преземање на стоката. Оштетената фирма ги плаќала фактурите со што, според финансиската полиција била измамена за да 214 милиони денари односно за приближно 3 и пол милиони евра.
„Првопријавеното физичко лице во својство на вработено и третопријавеното физичко лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице, заедно со второпријавеното физичко лице вработено кај оштетеното правно лице, со намера да се стекнат со противправна имотна корист со лажно прикажување на факти го довеле во заблуда оштетеното правно лице, неосновано да исплати значителен износ на парични средства по основ на откуп на стари акумулатори, на начин што првопријавеното и третопријавеното лице во свое име и за сметка на пријавеното правно лице изготвувале и употребувале лажни формулари за отпад на стари акумулатори, кои второпријавеното физичко лице како вработено во оштетеното правно лице ги потпишувало и ги одобрувало лажните испратници и откупните белешки, иако истото знаело дека робата не била испорачана и примена, со што овозможило оштетеното правно лице неосновано да исплати вкупен износ од 214.411.861 денари (околу три и пол милиони евра)“, пишува во соопштението од Финансиската полиција.