Израелската армија спаси четворица заложници во голема воена операција во Газа



Сите заложници, според првичните лекарски проценки се во добра здравствена состојба и се пренесени во болница на дополнителна евалуација

Во голема воена операција во централниот дел на Појасот Газа, израелската армија успеала да спаси четворица живи заробеници кои биле киднапирани при нападот на Хамас кој ја започна војната на седми октомври од музичкиот фестивал „Супернова“.

Спасените заложници – Ноа Аргамани, Алмог Меир Јан, Андреј Козлов и Шломи Жив, според првичните лекарски проценки се наоѓаат во добра здравствена состојба и се пренесени во болницата Тел Хашомер на дополнителна евалуација.

„За време на операцијата, беа извршени силни воздушни напади во областа против локациите на Хамас и како поддршка на копнените трупи“,

соопштија од израелската армија.

Палестинското министерство за здравство, пак, објави дека Израел извршил напад во областа на бегалскиот камп Нусејрат во кој се повредени повеќемина, а загинале најмалку 90 лица.

„Десетици повредени лежат на земја и медицинските тимови се обидуваат да ги спасат со достапните медицински ресурси што им се на располагање“,

објавија палестинските власти.

Палестинското исламистичко движење Хамас пак излезе со позагрижувачки бројки, соопштувајќи дека во денешниот напад биле убиени најмалку 210 лица, а со повреди се здобиле над четиристотини.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: