Израелските власти побараа од претседателот на Република Српска Милорад Додик да ја напушти конференцијата за антисемитизам во Ерусалим бидејќи по него е распишана меѓународна потерница, објавија израелските медиуми.
Во текстот на весникот Израел Хајом, кој го пренесоа сараевските медиуми, пишува дека израелските власти „јасно му ставиле до знаење на Додика дека не е добредојден на настанот, поради што бил принуден да го напушти местото“.
Додик за Jerusalem Post изјави дека го напуштил настанот затоа што „се чувствувал како натрапник“.
„Дојдов во Израел да зборувам против антисемитизмот. Наместо тоа, се чувствував непожелно – гостин кој се чувствуваше како натрапник“, рече тој.
Израел Хајом претходно во текстот објави дека судот во Босна и Херцеговина распишал налог за апсење на Додик поради сепаратистички активности.
Се додава дека Додик е нелегитимно осуден на една година затвор и на шестгодишна забрана да ја извршува функцијата претседател на Република Српска.
„Додик, долгогодишен проруски поборник за отцепување од Босна и Херцеговина и сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, протурка закон со кој се забранува босанското државно судство и полиција да дејствуваат во ентитет со српско мнозинство“, пишува израелскиот весник, потсетувајќи дека законот е привремено суспендиран од Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
Во текстот се вели дека Додик постојано се заканувал дека ќе ја оддели Република Српска од Босна и Херцеговина и ќе ја спои со соседна Србија, а западните земји „предупредиле дека тоа повторно ќе предизвика насилен конфликт во регионот“.
Веста дека израелските власти побарале од Додик да ја напушти конференцијата за антисемитизам, прв ја објави Ширит Авитан Коен, известувач на весникот „Израел Хајом“.
„Мини-драма на конференција против антисемитизмот во Ерусалим. По објавувањето на веста за неговото апсење, се чини дека израелските власти, кои присуствуваа на настанот, јасно му ставија до знаење на Додик дека не е добредојден, а тој и неговата придружба го напуштија местото во последен момент“, изјави Авитан Коен.