Израел ја обвини Велика Британија дека го наградува Хамас, откако Британците ги објавија плановите за суспендирање на некои дозволи за извоз на оружје.
Израелската реакција доаѓа како одговор на изјавата на шефот на британската дипломатија, Дејвид Лами, кој пред пратениците презентираше извештај дека со двомесечниот преглед открил „јасен ризик“ оти британското оружје може да се користи во сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право.
Британските медиуми јавуваат дека овој владин потег доаѓа само еден ден откако израелските сили ги открија телата на шестмина заложници убиени во тунел во Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека британската Влада донела „срамна одлука“.
Нетанјаху додаде дека одлуката нема да ја промени решеноста на Израел да го победи Хамас. Израелскиот премиер додаде дека оваа погрешна британска одлука само ќе го охрабри палестинското движење.
Според западните медиуми, ваквиот британски став предизвикал судир со САД околу одлуката. Официјален Вашингтон соопшти дека нема основа за прекинот на извозот на британско оружје во Израел.
Истовремено, јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади, повика на воведување целосно ембарго на оружје за Израел, по суспензијата на Велика Британија на извоз на оружје во Тел Авив.
Британскиот извоз на оружје изнесува помалку од еден процент од вкупното оружје што го добива Израел, а Лами рече дека суспензијата на дозволите за извоз нема да има материјално влијание врз безбедноста на Израел и дека Велика Британија продолжува да го поддржува правото на Израел на самоодбрана.