Израел ќе ја запре војната само кога ќе бидат ослободени сите заложници


Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави денеска, за време на неговата посета на САД, дека Израел нема морално право да ја запре војната во Газа додека не ги врати сите заложници во нивните домови.

Галант го изјави ова пред состаноците со советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан и американскиот државен секретар Ентони Блинкен по усвојувањето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот во Газа.

САД не ставија вето на резолуцијата, како што очекуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, туку беа воздржани.

„Во мојот прв состанок со советникот за национална безбедност Џејк Саливан, јасно ќе ја објаснам важноста на падот на режимот на Хамас и враќање на заложниците во нивните домови. Ќе дејствуваме против Хамас насекаде, дури и во областите во кои не сме биле. Ние ќе создадеме алтернатива на Хамас за да можат израелските одбранбени сили да ја завршат својата мисија“, рече министерот Галант, пренесоа израелските медиуми.

Тој, исто така, додаде дека ако Израел не постигне „јасна и апсолутна победа во Газа“, тоа би можело да ја приближи војната на север, очигледно алудирајќи на судирите со либански Хезболах на северната граница на Израел.

Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, исто така, на платформата X објави дека Израел ќе продолжи да се бори додека сите заложници не се вратат дома.

„Нема да го запреме огнот. Ќе го уништиме Хамас и ќе продолжиме да се бориме додека и последниот заложник не дојде дома“, напиша Кац.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: