Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови (наследник на Хашкиот трибунал) денеска, по три години жалбена постапка, ќе ја изрече второстепената пресуда за поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ.
Изрекувањето на правосилната пресуда, по жалбите на обвинетиот за воени злосторства Радован Караџиќ, е закажано за 14 часот, а медиумите ќе го пренесуваат со задоцнување од 30 минути, односно во 14,30 часот.
Судскиот совет на Хашкиот трибунал во март 2016 година го осуди Караџиќ на 40 години затвор за геноцид во Сребреница и злосторства извршени против човештвото во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.
Караџиќ беше уапсен во Белград на 21 јули 2008 година, а девет дена подоцна беше екстрадиран во Хаг.
Тој долги години се криеше во Србија под лажен идентитет Драган Дабиќ, доктор по алтернативна медицина.
Неговото судење започна во октомври 2009 година и заврши со првостепена пресуда во март 2016 година.