Изречени се казни до 53.000 евра за загадувачите, вели Ѓорѓиевски

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, информира дека во борбата против загадувањето на воздухот нема да има компромис со прекршителите и дека веќе се изречени високи парични казни, кои достигнуваат и до 53.000 евра.

Како што соопшти Ѓеорѓиевски преку објава на социјалните мрежи, денеска се одржала вонредна седница на Советот на Град Скопје, посветена на загадувањето на амбиенталниот воздух и неговите причинители. Тој оцени дека по подолго време, за оваа тема се дискутирало отворено и без политички калкулации, со фокус на конкретни мерки и активности.

„Загадувањето не е проблем кој се решава преку ноќ, ниту е создаден од сегашниот систем, но наша обврска е да делуваме и да го направиме Скопје почист и поздрав град“, истакна градоначалникот.

Според него, во изминатиот период биле засилени инспекциските контроли на индустриските капацитети, воведени редовни и вонредни надзори, како и активности за подобрување на сообраќајот, проширување на зелените површини и унапредување на третманот на депониите.

Во периодот од 6 ноември до 1 јануари, издадени се 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, спроведени се 35 вонредни надзори и изречени се 290 опомени. Инспекторите за животна средина извршиле над 45 вонредни контроли на правни субјекти во кругот на поранешните фабрики ОХИС и Стаклара, како и на територијата на општина Сарај.

Изречени се глоби од 1.000 до 53.000 евра, додека одговорни лица во правни субјекти се казнети со по 3.000 евра. Десетици физички лица кои неправилно одлагале или палеле отпад добиле казни од 250 до 500 евра.

Контроли биле спроведени и на градилишта. Инспекцијата за патен сообраќај и патишта извршила надзор на девет градилишта, при што на едно е изречена глоба од 3.000 евра за правното лице и 900 евра за одговорното лице. Комуналната инспекција, пак, спровела 240 контроли низ Скопје, при што на 11 објекти им се изречени глоби од по 1.300 евра.

Ѓеорѓиевски најави и значително зголемување на средствата за заштита на животната средина во буџетот за 2026 година. За оваа намена се предвидени 64 милиони денари, наспроти 24 милиони денари во 2025 година, како и дополнителни 220 милиони денари за подигање и одржување на јавното зеленило и парковите.

Во план се и субвенции за инвертер-клима уреди, чистење и филтрирање на оџаци, како и субвенции за велосипеди.

„Само со заедничка работа, редовни инспекции и конкретни мерки можеме да го заштитиме здравјето на граѓаните и идните генерации. Скопје заслужува чист воздух, ред и одговорност“, порача градоначалникот, нагласувајќи дека сега е време резултатите да бидат видливи, мерливи и трајни.

Пронајдете не на следниве мрежи: