„Тоа е реторика и фолклор кој сега предизборно се споменува. На 8 мај сите заеднички ќе видиме кои се условите кои понатаму ќе бидат диктирани од политичките чинители. Сите добро знаат дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ прифаќаат какви било диктати. Може да се обединиме околу платформа која значи реформи и трансформација на Македонија“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за можноста опозициските партии на Албанците да ги постават уставните измени како услов за да бидат дел од влада со неговата партија
После овие парламентарни избори партијата Беса на Билал Касами, исто како и Алтернатива на Африм Гаши, Алијанса на Албанците на Арбен Таравари, исто како и движењето на Изет Меџити ќе бидат заедно со ВМРО-ДПМНЕ, со огромно мнозинство, во идната реформска и проевропска влада која ќе ја води Македонија од 2024 до 2028 година. Ова вечерва го изјави Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во телевизиската дебата на Канал 5 ТВ, одговарајќи на забелешките на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, дека ВМРО-ДПМНЕ нема коалициски капацитет да има партнер од партиите на Албанците.
На забелешката од новинарот дека опозициските партии на Албанците можат да го постават условот за усвојување на уставните измени пред да се формира Владата, нешто што и Таравари го посочил, Мицкоски вели дека тоа е предизборен фолклор.
„Тоа е реторика и фолклор кој сега предизборно се споменува. На 8 мај сите заеднички ќе видиме кои се условите кои понатаму ќе бидат диктирани од политичките чинители. Сите добро знаат дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ прифаќаат какви било диктати. Може да се обединиме околу платформа која значи реформи и трансформација на Македонија“,
рече Мицкоски.
Во дебатата Мицкоски и Ковачевски ги спротивставија ставови во однос на европската перспектива на државата. Ковачевски рече дека ставовите на Мицкоски за уставното име на државата во иднина може да предизвикаат проблеми со Преспанскиот договор, поради неговото инсистирање да не се користи новото уставно име. Мицкоски рече дека името на државата за него секогаш ќе остане само Македонија. Така тој одговари и на прашањето како ќе ја именува државата, дома и надвор, доколку стане премиер на државата.
„Не знам зошто ние мора да го промениме однесувањето ако ја добиеме довербата на граѓаните. За мене Македонија е и ќе биде Македонија. Тука нема дилеми. Моите предци ќе бидат горди на мене, на тоа што го правам за својот народ и за својата држава. Тука нема осцилации. Не ги менувам ставовите”,
рече Мицкоски.
Ковачевски на ова возврати дека Мицкоски не може да ги менува ставовите, зашто тој воопшто нема став.
„Кога немате став, вие не можете да го менувате. Тоа е неговата предност. Кога имате став, тогаш носите одлуки. Преспанскиот договор е резултат на работа 30 години, за тоа време ние имавме посредник адвокат од САД. Не го постигна Метју Нимиц договорт. Договорт го постигнаа двајца лидери кои постигнаа договор и си пружија рака и ги решија односите меѓу двете држави. Тоа е лидерство. Останавме Македонци и македонскиот јазик е македонски и станавме членка на НАТО“,
рече Ковачевски.
Според Мицкоски, тоа што некој го направил, не е лидерство, туку отварање на Пандорината кутија.
„Тие прашања се решаваат стратешки. Тоа што се направи во Преспа беше на маса и во времето на Глигоров и во времето на Црвенковски, Георгиевски, Хари Костов, Бучковски и во времето на Груевски. Немојте да мислите дека тие немале таква можност. Имало причина зошто тие тоа не го направиле. Тоа имплицираше вето од Бугарија и затоа го потпишавте францускиот предлог. И затоа денеска сме заглавени. Требаше да учиме од историските грешки на македонските политичари. Владите ги исполнувале сите критериуми, политичкиот момент беше проблем. Чекор по чекор се доведовме во оваа ситуација. Нема да дозволам дополнителни национални понижувања кои вие ги прифативте. Да ви е јасно“,
рече Мицкоски.
Според Ковачевски, во Букурешт, како што рече, претходникот на Мицкоски немал храброст да донесе одлука за иднината на Македонија и патото кон НАТО.
Мицкоски рече дека не може да верува дека Ковачевски бил брилијантниот ум кшто постигнал одличен договор со нашиот источен сосед, а со кој, како што рече, се крои иднината на нашите деца.
„Зошто не прифативте подадена рака од ВМРО-ДПМНЕ два месеца пред да го прифатите тоа што го прифатевте. Ви се понудив. Вие тоа не го прифативте. За потоа да не ставите пред свршен чин. Не верувам во капацитетите на оние кои преговараат за иднината на нашите деца”,
вели тој.
Ковачевки рече дека отишил во Брисел да донесе одлука за државата да продолжи на својот европски пат.
„Бројките покажуваат дека Пендаровски ќе стане претседател, а јас ќе бидам повторно премиерот на државата. Со нашиот јасен план ќе ја внесеме државата во ЕУ. Вие сте подготвени да се вратите и повторно да преговарате со Грција и само да преговарате. Заради вашата неодлучност сме тука. Одговорот за неотварање на поглавјата е кај вас, почитуван Мицкоски“,
рече Ковачевски.
На прашањето на Мицкоски за Ковачевски дали тој како лидер на СДСМ би го поддржал како предводник на идната влада за одбрана на македонскиот национален идентите, Ковачевски одговори дека идентитетот е заштитен и дека Мицкоски е тој што треба да донесе одлука за обврските кои ни стојат на патот кон ЕУ.