Или вакцина или нема градинка и училиште

Мултисекторска група составена од министерствата за образование, здравство и труд и социјална политика ги разгледуваат можностите како вакцинацијата да биде задолжителен услов за упис на децата во градинка или во училиште.
-Дури 50 проценти од децата родени во 2017 година не се вакцинирани со МРП вакцината. Процентот на невакцинирани деца понатаму опаѓа и во 2016 година изнесува 30 проценти. Но, тоа е сериозно висок процент невакцинирани деца. Категорично и енергично ќе стоиме на ставот дека децата во градинка и во училиште треба да се примаат само вакцинирани, бидејќи никој нема право да го загрозува здравјето на останатите деца и да влијае на сите фактори кои влијаат на јавното здравје, заради тоа што децата се нашата иднина, а ние сакаме здрави деца.


Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека сериозно високиот процент невакцинирани деца е резултат на силно изразените антивакцинални кампањи.
-Во прво одделение околу 20 проценти од децата не се вакцинирани, што исто така сериозно не загрижува заради тоа што примовакцината која се прима прва на најмала возраст е таа која го создава вистинскиот имунитет. Веќе преземавме мерки и во рамки на тоа како сега е структуриран системот се упатува повик до сите родители чии деца не се вакцинирани, нагласи Филипче.
Министерот Филипче додаде дека мултисекторската група со членови од министерствата за здравство, труд и социјална политика и за образование заседаваше вчера и ќе продолжи да заседава до крајот на неделата, за усогласување на сите закони и правилници во врска со тоа прашање.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.