Расказите од збирката „Вечерен автобус“ лебдат во еден свет помеѓу автофикцијата и фикцијата, претендирајќи да создадат игра, комуникација и неизвесност кај читателот што од напишаното е лична вистина на авторот, а што измислица. Освен тоа, расказите градат повеќе дихотомии или бинарни опозити, како на пример: реалност – сон, вистина – лага, живот – смрт, луцидност – халуцинација, минато – сегашност, периферија – главен град, итн. Збирката прави пресек на нашето време и општество, со цел да расветли одредени зафрлени слоеви, и во тој контекст, главните ликови често доаѓаат од самите маргини на општеството.
Севкупно, расказите третираат теми како различностите помеѓу луѓето, нееднаквоста, срамот од личниот идентитет, деградацијата, стеротипите и сегрегацијата на одредени поединци во општеството (како на пример лицата со посебни потреби или сексуалните малцинства). Наративот е во директен костец со предрасудите и ограничените погледи на светот.
Стефан Алијевиќ (1991, Гевгелија), завршил додипломски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност.
Бил дел од уредничкиот тим на меѓународното списание за книжевност и уметност, „Разноликост“, а раскази пишува веќе подолго време. Досега бил објавен на порталите Разноликост и Окно.
Збирката раскази “Вечерен автобус“ е негова прва книга.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.