Ажурираниот број на собрани потписи до вечерва до 20 часот за сите кандидати, вклучувајќи ги и кандидатите на ГРОМ и Левица, се очекува да биде објавен утре наутро од страна на Државната изборна комисија (ДИК)
Политичката партија Левица вечерва објави дека нивната претседателска кандидатка Билјана Ванковска успеала да ги собере неопходните 10 илјади граѓански потписи за влез во трката за претседател на државата.
„Левица има претседателски кандидат! Професорката Билјана Ванковска ќе биде претседателка на Република Македонија! Ви благодариме за поддршката од над 10 000 потписи, за оваа наша заедничка борба“,
пишува во фејсбук-објавата на Левица.
Дека успеал да ги собере потребните 10 илјади граѓански потписи и да си обезбеди место во трката за шеф на државата, претходно вечерва објави и кандидатот на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), Стевчо Јакимовски.
Ажурираниот број на собрани потписи до вечерва до 20 часот за сите кандидати, вклучувајќи ги и кандидатите на ГРОМ и Левица, се очекува да биде објавен утре наутро од страна на Државната изборна комисија (ДИК).
Прв од вкупно единаесеттемина кандидати кои собираат 10 илјади граѓански потписи тоа го стори кандатот на ДУИ, Бујар Османи, по него следеше Арбен Таравари, кој е кандидат на опозициските партии на Албанците, како и Максим Димитриевски кој е претседателски кандидат на Движењето За наша Македонија (ЗНАМ).