Опозицискиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој беше суспендиран и затворен на 23 март, официјално е номиниран од неговата партија за кандидат за следните претседателски избори, закажани за 2028 година.
Народно-републиканската партија, главната опозициска сила, одржа прелиминарни избори во неделата, на 23 март, на кои Имамоглу, главниот противник на претседателот Реџеп Таип Ердоган, беше единствениот кандидат.
Десетици илјади демонстранти учествуваа на демонстрациите низ Турција, откако главниот ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган беше формално уапсен и обвинет за корупција на 23 март.
Неговото апсење во вечерните часови ги предизвика најголемите немири во земјата во повеќе од една деценија. Демонстрантите беа испукани со солзавец и гумени куршуми.
Имамоглу рече дека обвиненијата против него се политички мотивирани. „Никогаш нема да се свиткам“, напиша тој на Х пред да биде приведен.
Ердоган ги осуди демонстрациите и ја обвини НДП дека се обидува да го „наруши мирот и да го поларизира нашиот народ“, пренесе АФП.
Во раните вечерни часови, толпата се собра пред градското собрание на Истанбул веќе петта ноќ и можеше да се види како веат турски знамиња и скандираа пред редот на полицијата за немири.
Полицајците беа видени како пукаат со водени топови кон некои демонстранти и користат бибер спреј.
Сопругата на Имамоглу, Дилек Каја Имамоглу се обрати пред големата толпа пред градското собрание. Таа им кажа на учесниците на маршот дека „неправдата“ со која се соочил нејзиниот сопруг „ја допрела секоја совест“.
Демонстрациите како одговор на апсењето на Имамоглу се најголеми во земјата од протестите на Гези во 2013 година, кои започнаа во Истанбул поради уништувањето на локалниот парк.
Вкупно, митинзи се одржаа во најмалку 55 од 81 провинција во Турција, или повеќе од две третини од земјата.
Имамоглу беше еден од повеќе од 100 лица, вклучително и други политичари, новинари и бизнисмени, приведени како дел од истрагата на 19 март.
Тој беше официјално уапсен на 23 март и обвинет за „создавање и водење криминална организација, примање поткуп, изнуда, незаконско снимање на лични податоци и местење на аукција“.
Нему му е одреден притвор додека трае судењето. Медиумите објавија дека тој е однесен во затворот Силиври.
Имамоглу е сменет и од функцијата градоначалник, се вели во соопштението на турското Министерство за внатрешни работи.
Во објавите на социјалните мрежи, Имамоглу го критикуваше неговото апсење како „црна дамка на нашата демократија“ и истакна дека не била следена соодветната постапка.
Во пораката споделена на Икс преку неговите адвокати, тој им честиташе на демонстрантите и истакна дека гласачите покажале дека Турција е „заситена“ од Ердоган.
Имамоглу беше единствената личност која учествуваше во изборот на претседателски кандидат на НРП.