Не можам и не сакам да говорам во јавност работи кои што не се на одреден степен на основано сомнение. Можеби нема да биде така, јас не знам што ќе утврди внатрешната контрола. Но што и да утврди, веднаш штом јас ги добијам инофрмацииите ќе ги добие и јавноста. Ако било се во ред, да го затвориме тој сомнеж којшто го немам само јас, го имаат и други луѓе внатре во министерството, рече Тошковски
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, вечерва во интервју за ТВ 24 изјави дека откако е поставен за министер дошол до одредени информации и сомнежи за тоа како се постапувало во случајот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, за кои, како што кажа побарал дополнителна истрага.
„Побарав да се истражи во целост случајот и да ја затвориме таа тема еднаш, дали во рамките на полициските делувања на припадниците на Министерството било постапувано согласно процедури и стандарди или пак не. Ќе треба малку време да се истражат детално овие процеси. Таму има двајца луѓе, еден којшто сум го поставил јас и едниот кој што го поставил дополнителниот заменик“,
посочи Тошковски.
На прашањето, дали има сознанија дека МВР и полицијата лошо постапиле при откривањето и расветлувањето на случајот со Вања и Панче, Тошковски одговори дека имал сомневање и сознанија откако е поставен за министер за внатрешни работи.
Во однос на тоа, дали сомневањата се во насока на несовесно постапување или намерно несовесно постапување, Тошковски одговори:
„Јас го говорам ова секаде во рамки на Министерството и јас одам од позиција на адвокат. За мене, за да се отпочнат соодветни постапки треба да се испочитуваат сите внатрешни процедури, луѓе компетентни од областа, луѓе кои согласно систематизацијата и согласно правила на игра треба да го истражат тој случај, да си тераат по закон, да испитаат чекор по чекор како е спроведена постапката. Сите оние сомнежи кои сум ги имал, сум ги дал да се истражат од страна на луѓето кои треба да го спроведат овој процес, да седнат детално, со факти, докази и аргументи да ги проверат овие постапки“.
На прашањето, дали има сомневање во врска со брзината на постапката со која беа фатени виновниците или за тоа дали во притвор се вистинските виновници, министерот не сакаше да одговори конкретно.
„Не можам и не сакам да говорам во јавност работи кои што не се на одреден степен на основано сомнение. Можеби нема да биде така, јас не знам што ќе утврди внатрешната контрола. Но што и да утврди, веднаш штом јас ги добијам инофрмацииите ќе ги добие и јавноста. Ако било се во ред, да го затвориме тој сомнеж којшто го немам само јас, го имаат и други луѓе внатре во министерството“,
изјави Тошковски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и на 24 ноември лани, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
Според информациите од истрагата кои тогаш на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.
Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа досега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања.
На 22 декември од Основното јавно обвинителство соопштија дека ги добиле обдукциските наоди од Институтот за судска медицина, за кои рекоа дека нема да бидат објавени во јавност.
Покрај Љупчо Палевски-Палчо кој е во екстрадиционен притвор во Турција и кој е првоосомничен, за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се осомничени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Тие се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување.
Во случајот е осомничен и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кого истрагата го сомничи дека им помогнал на другите да го грабнат девојчето и се товари за кривичното дело грабнување.
На сите четворица Основниот кривичен суд во Скопје им определи притвор, а идентична мерка за обезбедување на присуство му беше одредена и на Стефан Димовски, осомничен за помагање на сторителот во извршување на кривично дело, бидејќи го возел првоосомничениот Палевски од Србија до Турција.