Има ли работници на мостот, нека се оддалечат

Непосредно пред и веднаш по трагичниот колапс објавена е снимка од разговорот меѓу полициските службеници задолжени за сообраќајот во делот од градот каде што се урна мостот „Френсис Скот Ки“

Мостот „Френсис Скот Ки“ во американскиот град Балтимор вчера рано наутро се урна откако во него удри товарен брод. Непосредно пред и веднаш по трагичниот колапс објавена е снимка од разговорот меѓу полициските службеници задолжени за сообраќајот во тој дел од градот.

„Се приближува брод со проблеми со управувањето. Додека не го решат проблемот, треба да го запреме целиот сообраќај“,

се слуша како вели првиот службеник.

„Јас сум на јужната рута. Го запираме сообраќајот. Возевме таму, застанавме пред мостот. Ќе го запреме целиот сообраќај“,

вели полицаецот на теренот.

„Има ли поправки на мостот? Да, прекинете го сообраќајот. Погрижете се да нема никој на мостот. Доколку има работници таму, информирајте го управителот за да можат привремено да го напуштат мостот“,

одговара првиот службеник.

„Кога ќе пристигнат дополнителни единици, ќе возам до мостот. Го запревме целиот сообраќај“,

вели полицаецот на теренот.

„Целиот мост се сруши! Повторувам, целиот мост се сруши“,

се слуша како вели трет службеник.

„Потврдено, мостот се урна. Не можам да одам на другата страна. Некој од другата страна мора да го запре сообраќајот“,

вели полицаецот на терен по уривањето на мостот.

Полицијата на државата Мериленд утрово соопшти дека шесте лица кои се водат за исчезнати по уривањето на мостот „Френсис Скот Ки“, се претпоставува дека се мртви, пренесе Си-ен-ен.

Властите соопштија дека осум градежни работници по рушењето на мостот паднале во реката Патапско. Две лица биле спасени вчера, но останатите шест се претпоставува дека се мртви, со оглед на длабочината на водата и времетраењето на нивната потрага.

Надлежните посочиле дека потрагата со тим на нуркачи ќе продолжи и во текот на денешниот ден.

Белата куќа соопштила дека претседателот Џо Бајден разговарал со федерални, државни и локални претставници со цел да се најдат причините за уривање на мостот. Тој ветил дека американската федерална влада ќе ги плати сите трошоци за обнова на мостот во Балтимор, кој исто така ја запре активноста на големото пристаниште за земјата.

Пронајдете не на следниве мрежи: