Имотот на 500-те најбогати луѓе во светот годинава надмина 10 билиони долари

Најбогатите луѓе во светот станаа уште побогати на крајот на оваа година, а вкупниот имот на 500-те најбогати луѓе на листата на милијардери на Блумберг надмина 10 билиони долари во 2024 година на крилата на растот на акциите на американските технолошки гиганти.

Нивното вкупно богатство е слично по големината на минатогодишниот комбиниран бруто домашен производ на Германија, Јапонија и Австралија, додава њујоршката агенција.

Лидерите на осумте најголеми технолошки компании само оваа година се стекнаа со повеќе од 600 милијарди долари, а меѓу најголемите добитници се американскиот претприемач Илон Маск, извршен директор на компанијата за производство на напредни чипови Nvidia – Џенсен Хуанг и првиот човек на технолошката компанија Мета – Марк Цукерберг.

Маск го поддржуваше Доналд Трамп пред претседателските избори во САД, а нивната блиска врска придонесе за растот на вредноста на компаниите на Маск.

Богатството на Илон Маск сега се проценува на невидени 442,1 милијарди долари, што е зголемување од 213 милијарди долари од почетокот на годината.

Јазот во богатството од 237 милијарди долари меѓу Маск и основачот на Амазон, Џеф Безос, регистриран на 17 декември, беше најголемиот досега забележан јаз меѓу првите и второрангираните милијардери на листата на милијардери на Блумберг.

Спротивно на тоа, најголеми губитници оваа година беа француските милијардери Бернар Арно, Франсоаз Бетенкур Мејерс и Франсоа Пино, кои загубија вкупно околу 70 милијарди долари од своето богатство бидејќи побарувачката за луксузни стоки опадна, а политичката нестабилност ја ограничи потрошувачката.

Пронајдете не на следниве мрежи: