Импресивна победа на македонските кошаркари против Полска


Македонската машка кошаркарска репрезентација ја забележа првата победа во вториот натпревар од квалификациската група Х за пласман на Европското првенство 2025, откако во понеделникот убедливо триумфираше на гостински терен над Полска со 96:71 (25:16, 22:22, 22:12,27:21).

До првата побрда во евроквалификациите македонската репрезентација на паркетот во арената „Арцелор Митал Парк“ во Сосновиец ја предводеа Ненад Димитријевиќ со 32 поени и Итан Хап, кој натпреварот го заврши со 19 поени.

Полска на средина од првата четвртина имаше предност од 14:10, кога македонските кошаркари заиграа агресивно во одбраната, а ефикасно во нападот и со серија од 11:0 го презедоа водството кое во првиот дел достигна највисоки плус 13 (29:16).

Избраниците на селекторот Александар Јончевски продолжија во исто темпо и во третата четвртина која ја решија во своја корист со 22:12 и во последниот период од натпреварот влегоа со предност од плус 19 поени (69:50).

Домаќинот ја отвори четвртата четвртина со серија од 7:0 ѝ се приближи на 69:57, но Македонците возвратија со десет последователни поени и ги решија сите дилеми околу конечниот исход.

Во вториот вечерашен дуел во групата Х, Естонија ја совлада Литванија на домашен терен со 65:59.

Естонија води на табелата со 4 бодови, пред Македонија и Литванија со по 3, а Полска е последна без бодови во групата од која пласман на Евробаскетот 2025 ќе обезбедат двете првопласирани селекции.

Воведниот февруарски циклус во евроквалификациите избраниците на Јончевски го завршија со победа и пораз, откако во првото коло во петокот во Скопје беа поразени од Естонија со 69:74, а настапот во групата Х ќе го продолжат наесен кога претстојат дуелите против Литванија, на 21 ноември на домашен и на 24 ноември на гостински терен

Пронајдете не на следниве мрежи: